Може ли Албанија за пет години да стане првата држава во светот без готовина?

Точка

10/12/2025

21:27

774

Големина на фонт

а а а

Албанскиот премиер Еди Рама неодамна најави амбициозен план – сака неговата држава пред крајот на оваа деценија да стане првата во светот без готовина. Рама, кој во мај го освои четвртиот мандат, вети дека до 2030 година ќе ја внесе земјата во Европската унија. Во јули објави уште еден голем план со ист временски рок.

„Имаме амбиција Албанија до крајот на оваа деценија да стане безготовинско општество, што значи дека сите интеракции и финансиски трансакции треба да бидат целосно дигитални“, изјави тој на состанокот со претставници на стартап-компании и секторот за технологија и иновации под наслов „Албанијa 2030 – визија кон европска интеграција“.

Потребни се, додаде тој, повеќе обуки и усовршување. „Верувам дека ако успееме јасно да го дефинираме патоказот, оваа цел е целосно достижна и со неа земјата ќе се ослободи од товарот на застарените практики и неефикасностите што го отежнуваат секојдневниот живот“.

Сето тоа звучи едноставно, но дали навистина е така?


„Повеќе сакам кеш“

Мимоза А. (62) од Тирана вели дека ја користи картичката само за да ја подигне платата од банкомат близу својот стан.

„Не е вообичаено луѓето од мојата генерација да користат картичка за плаќање во продавница или на фризер. Повеќе сакам кеш и секогаш ќе го користам“, изјави таа за „Deutsche Welle“.

Таа не е осамена во овој став, поголемиот дел од населението во земјата размислува слично.

Дали безготовинското општество е само сон?

Кога Албанија се ослободи од социјалистичката диктатура пред 35 години, немаше модерен банкарски и финансиски систем. Напредокот беше бавен и по преминот кон демократија. Банкоматите беа воведени дури во 2004 година.

Поранешниот министер за финансии и економија, Арбен Малај, смета дека популизмот е главниот двигател на амбициозниот план на Рама. Тој посочува неколку клучни пречки за остварување на безготовинско општество во наредните пет години.

„Високата стапка на сивата економија, особено во земјоделството, кое сочинува голем дел од бруто-домашниот производ (БДП), е многу поголема отколку во остатокот од регионот. Голем дел од населението живее во рурални подрачја. Освен тоа, најголемиот дел од приходите од дијаспората – милијарди евра годишно – пристигнуваат надвор од официјалните канали. Главните албански трговски партнери, Турција, Грција и Италија, исто така имаат висока стапка на сива економија“, рече Малај.


Тој потсети дека секое намалување на употребата на готовина би барало огромни вложувања во сајбер-безбедноста.

„Опасна“ амбиција

Експертите за сајбер-безбедност, како Бесмир Сeманaj, сметаат дека идејата на Рама не е само нереална, туку и опасна. Семанај потсети на големите сајбер-напади врз државните институции минатата година, вклучувајќи ги системот e-Albania, интернет-страницата на парламентот и Заводот за статистика.

Тој смета дека овие напади покажуваат колку е Албанија изложена и дека нема соодветна инфраструктура за заштита на критичните системи.

„Дури и најразвиените земји во Европа, како Шведска и Норвешка, ја разгледуваат потребата да задржат минимум готовина во оптек, токму поради безбедноста и подготвеноста во вонредни ситуации“, рече тој.

И додека најдигитализираните нации задржуваат резервни опции, Албанија планира да стане 100-процентно дигитална за помалку од 10 години, без основна сајбер-заштита. Економија што целосно се потпира на дигитални системи, а нема алтернатива, останува, предупреди тој, незаштитена и ранлива – вирус или прекин на струја би ја парализирал целосно.

„Малите и средните бизниси најмногу ќе настрадаат“

Хазис И., менаџер во туризмот со 40 години искуство, води еден од најпопуларните хотели во Тирана. Странските туристи најчесто плаќаат со картички, додека домашните гости и понатаму ја претпочитаат готовината. Тоа ги зголемува трошоците на хотелот, бидејќи банките наплатуваат провизии за секое плаќање со картичка. Хазис не е многу оптимистичен за она што го планира Рама.

„Јас сум против безготовинско општество. Можеме да се справиме со туристи кои сакаат да платат кафе од 1,50 евра со картичка. Но, што да правам со малите производители од кои купуваме зеленчук или сирење од фарма за нашиот ресторан?“, се прашува тој.

Во текот на летната сезона, раскажа тој, редовно купува лубеници од селани. За нив тврди дека никогаш не користеле дигитални плаќања и убеден е дека никогаш нема да користат. Овој план, стравува тој, ќе ги уништи малите претприемачи.

„Дури и ние ќе се мачиме со тоа“, додаде Хазис.

Недостиг на конкретни цели

За Арбен Малај, целта Албанија да стане безготовинска до 2030 година не е јасно дефинирана, па затоа ниту мерлива. Владата би можела, според него, да постави конкретни цели дури по детална анализа на платниот систем.


„Во моментов не постои ниту една економија со нула кеш. Во земји со низок степен на финансиска писменост, слаба дигитална едукација, лошо управување и слаби јавни услуги – како образованието, здравството и социјалната заштита – и висока корупција, невозможно е да се оствари одржлив успех во краток рок“, изјави Малај.

Централната банка на Албанија, сепак, бележи раст на електронските плаќања во последните десет години.

„Граѓаните имаа придобивки од пониски трошоци, производи приспособени на нивните потреби и подобар пристап до платни услуги, што се одрази со двоцифрен раст на електронските плаќања – од две по глава на жител во 2015 година на 21 годишно“, рече гувернерот Гент Сejко.

На долг пат

За Семанај, тоа и понатаму е далеку под стандардите на ЕУ, каде членките имаат повеќе од 300 дигитални трансакции по жител годишно.

„E-трговијата е ограничена (во Албанија). Платформи како „Stripe“ не работат во Албанија, а локалните банки нудат скапи и комплицирани системи. „PayPal“ постои за физички лица, но не и за фирми. Тоа го ограничува и блокира пристапот кон глобалната дигитална трговија“, истакна тој.

Значи, иако премиерот Рама сака Албанија што побрзо да ги достигне и влезе во ЕУ, изгледа дека за преминот кон општество без готовина ќе ѝ бидат потребни повеќе од една деценија, како и сериозна трансформација на финансиската инфраструктура, пишува „DW“.