Кратко пред полноќ на 11 декември, додека во живо се емитуваше епизода на поткастот „Тешки муабети“ на порталот „Инфомакс“, во студиото било извршено насилно влегување. Според главниот уредник Александар Митовски, нападот се случил додека во емисијата гостувал поранешниот градоначалник Стевчо Јакимовски, а во водителската двојка бил и Милош Милошевски.
Емитувањето било прекинато кога неидентификувано лице се обидело насилно да ја отвори вратата на студиото. Во тој момент, во живо се слушнало како Митовски реагира:
„Лупа овој? Ѕвони во полиција.“
По десет минути прекин, тој се вратил пред камерата и изјавил:
„Еве ја, таа е таа вмровска нервозна багра којашто сега скрши врата, влезе внатре па малку тулумби и така, меѓутоа во моментов е тука пред врата. Сега чекаме да дојде полиција, не го пуштаме никаде, за да добие кривична пријава за напад на службено лице, бидејќи новинарите се службени лица, за кршење на врата, за насилен упад во приватен имот итн итн. “
Како се одвивала случката
Според објаснувањето на Митовски во продолжението на емисијата, инцидентот се случил во 77-та минута од поткастот, кога лице кое претходно било во комуникација преку коментари на социјални мрежи, дошло пред редакцијата со такси, ја скршило вратата и почнало да се качува по скалите.
„Некој си непознат, додека траеше емисијата, дошол тука, барем од што видовме од камерите, дојде со такси, почнува да тропа на вратата којашто е заклучена бидејќи е на шифра, ја скрши, во тој момент излезе Милош да провери кога стиснавме пауза. Па не знаеше каде треба да оди и потоа кога тргна нагоре да се качува по скалите искрши уште една врата, па уште една и тука се фатија со Милош“, раскажа Митовски.
Тој додаде дека нападот бил мотивиран од политички причини.
Реакции и полициска интервенција
Митовски информираше дека полицијата реагирала брзо, лицето било приведено, а против него ќе следи кривична пријава за насилен упад и напад на службено лице, по член 386 од Кривичниот законик.
„Милош и Филип успеаја да го извадат надвор па дојде полиција, тие го приведоа. Ќе се гони по член 386, насилство и напад на службено лице“, рече Митовски.
На својата страница на „Facebook“, уредникот подоцна напиша:
„Партиска будала само што насилно влезе во редакцијата на „Инфомакс“ и во мојот дом. Сè е снимено, и нападот и упадот и насилството. Дечките од полиција брзо реагираа. За сè останато, ќе ја тераме до крај. Продолжуваме со емисијата по полициските процедури.“
По инцидентот, Митовски најави дека ќе ги објави снимките од нападот, а поткастот продолжи околу 4 часот по полноќ, кога потврди дека полицијата извршила увид во просториите на „Инфомакс“.

Политичка позадина и претходни напади
Главниот уредник на „Инфомакс“ претходно беше осуден на шест месеци условна казна во 2020 година за „оддавање службена тајна“ во врска со случајот „Рекет“. Пресудата тогаш предизвика бројни реакции, вклучувајќи ги Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), МАН и тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која тогаш соопшти:
„Преку обвиненија, тужби, пресуди и затворски казни, Зоран Заев сака да си купи мир и да ги цензурира новинарите кои одбиваат да клекнат на колена …“
Во последните месеци, „Инфомакс“ често објавува остри критики кон актуелната власт и премиерот Христијан Мицкоски, особено во врска со трагедијата во Кочани и прашањето за мигрантите во контекст на британските извештаи.
ЗНМ веќе имаше реагирано на онлајн хајка и дискредитации насочени кон Митовски во март и јуни годинава, предупредувајќи дека ваквите организирани напади може да резултираат со сериозни последици по безбедноста на новинарите и слободата на изразување.















