[ДОТО] Ново археолошко откритие: Пронајден раскошен брод од периодот на антички Египет

Точка

09/12/2025

15:02

1.573

Големина на фонт

а а а

Тим археолози открил раскошен брод од времето на антички Египет покрај брегот на Александрија, кој одговара на описот на грчки историчар од првиот век, пренесе „Гардијан“.

Откриениот брод е долг 35 метри и имал луксузно украсена кабина.

Тим археолози од Европскиот институт за подводна археологија (IEASM), предводен од професорот Френк Годио од Универзитетот во Оксфорд, пронашол брод во водите во близина на потонатиот остров Антиродос, кој бил дел од античкото пристаниште во Александрија.


Грчкиот историчар Страбон го посетил тој град и опишал луксузни бродови како овој, наведувајќи дека биле наменети за екскурзии од страна на членови на дворот, како и за групи луѓе кои патувале од Александрија на разни фестивали и прослави.

Како што опишал историчарот, овие бродови биле полни со луѓе и дење и ноќе, а на нив се свирела музика и имало неограничено танцување.


„Ова е исклучително возбудливо бидејќи ваков брод е откриен за прв пат во Египет. Овие бродови се споменуваат од разни антички автори, тие се претставени и на некои мозаици, но најчесто биле многу помали“, рекол Годио.


Службеникот на Институтот, Дамиен Робинсон, исто така нагласил дека ваков тип брод никогаш порано не бил пронајден.

Остатоците од бродот ќе останат на дното на морето, а како што истакнал Годио, ќе се почитуваат прописите на УНЕСКО, бидејќи таа организација смета дека е подобро ваквите остатоци да се остават под вода.

Досега е истражен само многу мал дел од ова подрачје, а подводните ископувања треба да продолжат, пренесе „Гардијан“.