Македонецот Дарко Божиновски ја претстави новата веб-апликација spoidenovi.mk, која на корисниците им помага полесно да го испланираат својот одмор. Со само неколку кликови, апликацијата пресметува кога е најповолно да земете слободни денови од работа за да добиете подолг одмор или продолжен викенд.
Апликацијата функционира на начин кој визуелно прикажува како и кои празници да ги споите со работните денови, како и бројот на денови од годишен одмор што се потребни за максимален ефект.
Се што треба да направите е да внесете колку слободни денови сакате да земете, да изберете празници (православни, католички, муслимански...), и да внесете почетен датум кој не е задолжителен, по што ќе добиете неколку предлози. Според еден од примерите, на почетокот на годината со користење само пет денови од годишниот одмор може да се добијат дури 12 споени денови одмор.

Авторот на проектот на социјалните мрежи објасни дека апликацијата ја гледа како „скромен придонес кон еден од омилените македонски спортови — спојување одмори“, и ги покани сите корисници да испраќаат свои идеи, пофалби или забелешки.
Реакциите се генерално позитивни – корисниците на „LinkedIn“ ја пофалија апликацијата, нарекувајќи ја „генијална“ и „решение што конечно ја олеснува најслатката мака – планирањето одмор“.
Апликацијата е бесплатна и достапна на: https://spoidenovi.mk.





