Мохамед Салах пред неколку денови имаше една експлозивна изјава со која можеби го потпиша својот крај во редовите на премиерлигашот Ливерпул.
Тој е незадоволен од статусот кој го има на последните натпревари и тоа што на три средби во низа не беше стартер и настапи само еднаш, а сетоа тоа зачинето со лошите резултати на екипата го натера да испрати порака која го „избриша“ за соочувањето со Интер во ЛШ, сценарио кое се очекува да се повтори и за Брајтон.
Потоа следи настап на Купот на африканските нации што значи дека Мо би играл дури во 2026 година. Меѓутоа дали тоа ќе биде во Ливерпул е голем знак прашалник, веќе се шпекулира со потенцијалните нови дестинации, некој во таа приказна го ставија и Баерн Минхен, но од таму веднаш стигна јасен одговор.
- Имаме извонреден талент во Ленарт Карл. Ставањето некого пред него сега нема апсолутно никаква смисла. Разговаравме за составот и претходно – имаме играчи кои се враќаат [од повреда]. Трансферите доаѓаат одвнатре. Нема планови за доведување нови играчи во моментов; составот е хомоген и избалансиран. Нов играч би можел да предизвика немири бидејќи улогите би се промениле, - порача оперативецот Макс Еберл за „ДАЗН“.







