Историската криза го достигна својот врв, 15 милиони луѓе одбројуваат до „нултиот ден“: На раб од потполна катастрофа

Точка

09/12/2025

10:22

568

Големина на фонт

а а а

Главниот град на Иран одбројува до „нултиот ден“ – денот кога ќе исчезне водата и чешмите ќе пресушат, објави Скај њуз. Резервоарите што снабдуваат 15 милиони жители на Техеран се речиси испразнети, а браната Карај, која обезбедува една четвртина од градската вода за пиење, е исполнета само 8 проценти.

Браната Латјан, околу 24 километри надвор од градот, е исполнета само околу девет проценти. Од мај, браната која се наоѓа во подножјето на Алборшките планини, толку се испразнила што зад себе оставила речиси целосно суво речно корито. Браната Амир Кабир, околу 64 километри северозападно од Техеран, моментално е на околу 8 проценти од вкупниот капацитет, јави Ројтерс.


Во некои делови од градот потрошувачката на вода веќе е рационализирана: протокот од чешмите е намален или целосно се прекинува во текот на ноќта. Претседателот Масуд Пезешкијан ги повика граѓаните да штедат вода – во спротивно градот, или барем поединечни делови, би можеле да бидат приморани на евакуација.

Многу стручњаци сметаат дека евакуацијата не е изводлива, но зборовите на Пезешкијан ја одразуваат сериозноста на ситуацијата во Иран. „Каде би оделе луѓето? Земјата се соочува со една од најтешките економски кризи, а поголемиот дел домаќинства не можат да си го дозволат тоа“, изјавил Мохсен Б. Месгаран, вонреден професор на Универзитетот Калифорнија во Дејвис.


Привремени евакуации се можни. За време на летото, властите најавија вонредни неработни денови за да ги поттикнат луѓето да го напуштат градот, извести Си-Ен-Ен.

Дожд треба да почне да паѓа наесен по жешкото и суво лето. Но, според Националната метеоролошка служба, периодот од септември до ноември бил најсув во последните пет децении, со врнежи 89 проценти под долгорочниот просек. Комбинацијата на ниски врнежи и високи температури трае повеќе од пет години, оставајќи ја земјата исушена.

Но временските услови и климатските промени не се единствените фактори во водната криза во Техеран. Според Центарот за стратешки и меѓународни студии, населението во поширокото подрачје на Техеран речиси се удвоило — од 4,9 милиони во 1979 година на 9,7 милиони денес. Но потрошувачката на вода растела уште побрзо, учетворострувајќи се од 346 милиони кубни метри во 1976 година на 1,2 милијарди кубни метри денес.

Растечкото богатство овозможило поголем број луѓе да купуваат машини за перење алишта и машини за миење садови. За да ги надополни резервите од резервоарите, Техеран во последните години морал да се потпира на природните подземни водоносни слоеви, кои обезбедуваат меѓу 30 и 60 проценти од водата за пиење. Но тоа го става градот во директна конкуренција со земјоделците кои ја користат водата за наводнување на нивите.


Според анализата објавена во списанието „Science Advances“, нивото на водата околу Техеран опаѓа за 101 милион кубни метри годишно. Тоа е дождовница што се акумулирала со децении и ќе биде потребно најмалку толку време за да се обнови.

Професор Кавех Мадани, поранешен заменик-министер за животна средина на Иран, а сега директор на Институтот на Обединетите нации за вода, животна средина и здравје (UNU-INWEH), рекол дека хроничното лошо управување со природните ресурси довело до она што тој го нарекува воден банкрот.

„Овие работи не се случија преку ноќ. Со водата се управува лошо со децении, не се гледаше кон иднината, а премногу надеж се полагаше во инфраструктурни и инженерски проекти“, рекол Мадани.

Министрите во иранската влада го припишуваат на недостатокот на вода на климатските промени, протекувањето вода од цевките и дванаесетдневната војна со Израел. Техеран е во центарот на вниманието, но кризата се протега далеку надвор од престолнината. Околу 20 провинции не виделе ниту капка дожд од почетокот на дождовната сезона кон крајот на септември, рекол Мохсен.

Надвор од Техеран, нивото на водата во резервоарите што го снабдуваат Мешхед, вториот по големина град во Иран со население од околу три милиони жители, изнесува само околу три проценти, изјавил Хосеин Есмаилијан, директор на градската компанија за водоснабдување и одводнување. Според Ројтерс, околу 10 проценти од браните во земјата се речиси целосно пресушени.

Жителите на Техеран со нетрпение го очекуваат дождот. Се надевале на есенски врнежи, но добиле само неколку изолирани плиснувања. Иако властите тврдат дека сè уште немаат воведено формална рационализација на потрошувачката на вода, граѓаните велат дека притисокот во чешмите е послаб од вообичаено, а понекогаш од нив воопшто не тече вода.

Професор Кавех Мадани истакнува дека комуникацијата меѓу владата и јавноста е фрагментирана и недоследна, што доведува до висок степен на недоверба и ширење теории на заговор, вклучувајќи тврдења дека странски сили го манипулираат иранското време и „ги крадат облаците“.

Владата, исто така, се обиде да „засее облаци“ со честички за да предизвика дожд или снег, но научните мислења за ефикасноста на оваа метода се поделени.


Стручњаците истакнуваат дека долгорочно решение би барало бројни реформи, вклучувајќи диверзификација на економијата и намалување на зависноста од секторите што интензивно користат вода, како што е земјоделството. Таквите мерки, сепак, би биле многу непопуларни и би можеле да предизвикаат висока невработеност. Засега, властите ги полагаат своите надежи и молитви во дождот.

Но ситуацијата е толку сериозна што дури ни дождот, кога ќе падне, веројатно нема да биде доволен. Исцрпените подземни водоносни слоеви нема брзо да се обноват, а екосистемите што се распаѓаат не можат брзо да се вратат во нормала. Колку подолго владата ги одложува фундаменталните реформи, толку помалку опции ѝ остануваат.