На суд беше прикажана снимка од полициска камера која ги покажа моментите непосредно пред апсењето на Луиџи Манџионе, која наместо да биде клучен доказ, би можела сериозно да му наштети на случајот на обвинителството. Снимката од „Мекдоналдс“ во Пенсилванија стана фокус на правна битка што би можела да го одреди исходот од целото судење, објавува „Телеграф“.
Иако се очекуваше видеото да го поддржи случајот на обвинителството, одбраната сега го користи за да ја доведе во прашање легалноста на дејствијата на полицијата. Деталите снимени на видеото, велат адвокатите на Манџионе, ја зголемуваат можноста дека клучните докази против нивниот клиент се добиени нелегално.
Судот сега мора да одлучи за правната тежина и прифатливоста на самата снимка. Одлуката ќе биде клучна не само за судбината на Луиџи Манџионе, туку и за понатамошниот тек на едно од најгледаните судења во Соединетите Американски Држави.
Неговите адвокати тврдат дека полицијата не му ги прочитала правилно неговите уставни права пред да го уапси и дека ги претресла неговите работи без налог.
Манџионе е обвинет за убиството на Брајан Томпсон, извршен директор на „Јунајтед Хелткеар“, во Њујорк. Тој се изјасни за невин по федералните и државните обвиненија за убиство.






