Децата во Австралија го измамија системот: забраната за социјални мрежи има големи пропусти

Макфакс

10/12/2025

19:38

335

Големина на фонт

а а а

Првиот ден од австралиската забрана за користење социјални мрежи за лица под 16 години покажа бројни слабости во системот. Многу деца успеале да ги заобиколат новите правила користејќи ВПН, манипулации со датумот на раѓање или трикови при скенирање на лицето.

Родители од различни делови на земјата за „Еј-би-си“ сведочат дека нивните деца без проблем добиле пристап до „Снеплет“, „Инстаграм“ или „Тик-Ток“, иако формално би требало да им биде забранет.

Во повеќе случаи, системите за проверка на возраст погрешно утврдиле дека децата имаат над 16 години — дури и кога станува збор за 11- или 13-годишници. Некои тинејџери успеале да ја измамат технологијата со шминка или прикривање на делови од лицето. Социјалните мрежи признаа дека постојат технички предизвици и дека родителите можат да пријават профили за деца под 16 години кои ќе бидат суспендирани.

Стручњаците објаснуваат дека технологијата за процена на возраст има маргина на грешка од една до три години, што овозможува заобиколување на забраната. На „Тик-ток“ веќе се појавија објави од деца кои се потсмеваат дека „успешно ја преживеале“ забраната.

Владата најавува дека пропустите ќе се отстрануваат постепено. Премиерот Албанезе посочи дека околу 440.000 „Снепчет“ профили, 150.000 „Фејсбук“ профили и 350.000 „Инстаграм“ профили во сопственост на деца од 13 до 15 години ќе треба да се деактивираат. Повеќе од 200.000 „Тик-ток“ профили веќе се затворени.

Министерката за комуникации Анника Велс нагласи дека ова е „маратон, не спринт“ и дека децата кои денес ја заобиколиле забраната нема да можат да го прават тоа постојано.