Серија пропусти во Лувр: Крадците избегале со 30 секунди предност

Макфакс

10/12/2025

19:36

292

Големина на фонт

а а а

Истрагата за кражбата на крaлскиот накит од Лувр открива дека крадците успеале да ѝ побегнат на полицијата со предност од само 30 секунди, поради серија безбедносни пропусти, објави „Гардијан“.

Извештајот претставен пред комисија на францускиот Сенат покажува дека во моментот на кражбата работела само една од двете надзорни камери во областа, а персоналот во контролната соба немал доволно монитори за следење на снимките во живо. Полицијата, пак, по активирањето на алармот била испратена на погрешна локација.

Шефот на истрагата, Ноел Корбин, изјавил дека само „плус-минус 30 секунди“ би биле доволни за обезбедувањето или полицијата да го спречат бегството. Современа видео-oпрема, поотпорно стакло или подобра координација, според него, ќе можеле да спречат исчезнување на накитот вреден 88 милиони евра, кој сè уште не е пронајден.

Извештајот дополнително открива дека управата на Лувр со години била предупредувана за безбедносни слабости. Ревизија од 2019 година, нарачана од претходниот директор Жан-Лук Мартинез, укажувала дека местото од каде крадците влегле – балкон со пристап однадвор – е лесно достапно со скали. Сегашната директорка Лоренс де Карс не знаела за таа анализа и препораките никогаш не биле спроведени.

Полицијата смета дека ги уапсила четворицата осомничени, кои по кражбата во Галеријата Аполо избегале со мотори. Откритијата создаваат голем притисок врз Де Карс, првата жена на чело на музејот, во моменти кога Долниот дом на парламентот спроведува сопствена истрага. Францускиот државен ревизор минатиот месец оцени дека безбедносните подобрувања се спроведувале „неприфатливо бавно“.

Во меѓувреме, музејот се соочува и со други проблеми: очекуван е штрајк на вработените што бараат подобри услови поради недостиг на персонал и огромни гужви, а неодамнешно истекување вода оштетило стотици списанија и документи во египетскиот оддел.