Американскиот сон на ѕвездата на „Луд, збунет, нормален“: Глумел со Бред Пит и Том Круз и основал семејство со убавата колешка

Точка

28/11/2025

12:16

671

Големина на фонт

а а а

Актерот Мирај Грбиќ којшто на Балканот се прослави со улогата на Чомбе во серијата „Луд, збунет, нормален“ го слави 49 роденден.

Мирај веќе со години гради кариера во Холивуд каде се преселил од Сараево откако работел на неколку проекти под холивудска продукција.

Тој глумел и со Бред Пит во филмот „Babylon“ во 2022 година, но и со Том Круз, а се појавил и во многу други познати блокбастери. Веднаш по доаѓањето во САД, тој бил ангажиран и како професор на „New York Film Academy“.


„Катедрата на New York Film Academy ја видела мојата работа и ги интересирало дали сум заинтересиран да предавам таму. Од друга страна, мене тоа ми звучеше како прекрасна идеја. Прво затоа што сакам да работам, а второ затоа што сакам да бидам зафатен меѓу снимање. Водам три прекрасни часови глума, а работата со талентирани, креативни и млади луѓе ме исполнува и забавува“, раскажал во една прилика тој.

Покрај кариерата, Мирај во Америка основал и семејство. Со него во 2013 година отишла и хрватската актерка Марија Омаљев Грбиќ со која е во брак од 2008 година. Парот се запознал на Академија на сценски уметности во Сараево, а се венчале по три години врска.


Во октомври 2021 година ја добиле ќерката Били, а во декември 2023 година и синот Ривер кој Марија го родила еден ден пред својот 41 роденден.

И Марија гради холивудска кариера, а засега можевме да ја видиме во остварувањата како „Severed Silence“ и „Beauty and The Queen“.