Песната „Creep“ на британската група „Radiohead“, еден од најголемите рок хитови на 90-тите, повторно го доживува својот сјај и освојува нови генерации.
Речиси 33 години по објавувањето, овој класик неочекувано се искачува на листите на популарност на музичкиот портал „Genius“, каде што обожавателите масовно го пребаруваат неговиот текст и значење, пишува „Just Jared“.
„Creep“ бил дебитантски сингл на „Radiohead“, објавен во 1992 година, кој се најде на нивниот прв албум „Pablo Honey“ од 1993 година. Стиховите „But I'm a creep. I'm a weirdo. What the hell am I doin' here? I don't belong here“ станаа химна за луѓе ширум светот.
Луѓето го оживеаја на ТикТок
Луѓето масовно почнаа да се снимаат со песната во секојдневни ситуации, а оригиналниот звук бил искористен во повеќе од 419 илјади видеа.
Позадината на култните стихови
На прашањето дали песната е инспирирана од вистинска личност, пејачот Том Јорк уште во 1992 година мистериозно одговорил: „Хмм… сега ќе кажам дека да, затоа што инаку ќе се најдам во проблеми. Да. Тоа беше прилично чуден период во мојот живот. Кога бев на факултет и така, бев навистина изгубен и сакав да одам и да правам вистински работи со својот живот, како што е свирењето во рок бенд“.
Хитот што го презираа
И покрај планетарниот успех што им го донесе „Creep“, бендот со времето почна да ја презира својата најпозната песна. Сем Јорк признал дека „не бил баш задоволен со текстот“ и „мислел дека е прилично сра*е“.
Фрустрацијата растела со секое изведување, а гитаристот Ед О’Брајен своевремено изјавил: „Дојде до точка кога се чинеше дека ги преживуваме истите четири и пол минути од нашиот живот повторно и повторно. Тоа беше неверојатно затупувачко“. Поради тоа, со години одбиваа да ја свират во живо, чувајќи ја само за ретки и посебни прилики.
Сепак, и покрај турбулентниот однос на бендот со песната која ги направи ѕвезди, „Creep“ остана омилена кај публиката, а нејзината повторна популарност докажува дека и денес наоѓа пат до нови слушатели.









