Вирџил Ван Дајк беше единствениот фудбалер на Ливерпул кој даде изјава по тешкиот пораз од Нотингем Форест, а како капитен на тимот, си даде за право да ги апострофира сите недостатоци во играта на англискиот шампион.
Стоперот посочи дека тимот не изгледа доволно енергично во дуелите и дека не игра со потребната страст и жар во последно време, изјава која беше анализирана и од Вејн Руни, најдобриот голгетер во историјата на Манчестер Јунајтед.
Според Руни, Ван Дајк со оваа изјава јасно ги прозвал своите соиграчи, па во моменти кога тимот минува низ голема криза, навистина ќе биде интересно да се види каква ќе биде реакцијата во продолжение од сезоната.
– Загрижувачки е кога ќе слушнете како вашиот капитен зборува за недостаток на борба и недоволно добиени дуели на теренот. Тоа е јасна прозивка за соиграчите од тимот.
– Ливерпул е многу добар тим и минува низ тежок период, а Ван Дајк како капитен очигледно процени дека ова е вистинско време да ги опомене соиграчите, ова е силна порака од негова страна. Можеби мислеше на играчите кои не беа дел од тимот минатата сезона, оние кои пристигнаа изминатово лето. Пораката е јасна: Стандардите во Ливерпул се многу повисоки од тоа што се прикажува во моментов, – вели Руни.







