Во многу делови на светот, марихуаната често се перцепира од религиозна перспектива како „ѓаволска работа“, слично на секое претерано уживање во храна и пијалоци што се смета за грев.
Меѓутоа, постојат и оние кои канабисот го сметаат за свет сакрамент кој го возвишува човечкиот ум, тело и душа. Љубителите на оваа со закон забранета супстанца, како што се основачите на Меѓународната црква на канабисот во Денвер, главниот град на американската сојузна држава Колорадо, веруваат дека „пушењето трева“ претставува света активност која води кон нови височини, самопронаоѓање и поголемо почитување кон светот околу себе.
Меѓународната црква на канабисот поттикнува луѓето со „џоинт“ да го истражуваат светот и длабочината на своите души
Меѓународната црква на канабисот има свое седиште во преуредена поранешна лутеранска црква која денес блеска во шарени виножитни бои. Членовите на оваа црква, кои себе си се нарекуваат „елевационисти“, веруваат во канабисот како свет сакрамент кој заслужува своја религиозна конфесија. Нивната вера длабоко почива на принципи како што се самопроучување и ширење на почит кон животот, универзумот и сите аспекти на постоењето. Всушност, тие се поттикнуваат да ги истражуваат длабочините на својата душа, да нурнат во тајните на животот и ширината на универзумот…

Важно е да се напомене дека, иако канабисот е легален за рекреативна употреба во Денвер, локалните закони сè уште бараат членовите на оваа религиозна заедница да се воздржат од консумирање на својот свет сакрамент кога црквата е отворена за јавноста. Имено, собирите на кои се пуши и консумира марихуана се од затворен тип и обично се ограничени исклучиво на учесници постари од 21 година.
Црквата секој ден организира „Laser Show“ и водени медитации
Дури и ако не сте љубител на оваа зелена билка, посета на Меѓународната црква на канабисот може да биде интересно искуство. Внатрешноста на објектот го одзема здивот со своите живописни геометриски форми, проследени со светлосни слики кои ве водат низ шареното ѕвездено небо.
Покрај тоа, црквата повеќепати дневно организира „laser show“ проследен со водена медитација. „Не треба да бидете во ‘напушена’ состојба за да искусите неверојатно патување“, порачуваат од црквата на своите страници. „Доволно е да уживате во прекрасните светла, медитацијата и надреалните уметнички дела.“

Членовите на оваа необична црква доаѓаат од различни социјални слоеви, а многумина од нив ја задржуваат својата припадност на традиционални цркви и религиозни уверувања. Покрај тоа, Меѓународната црква на канабисот често служи како прекрасно место за венчавки. Исто така, редовно организира настани на кои членовите заедно поминуваат време, подготвуваат „џоинти“ и дискутираат за тајните на универзумот во простор исполнет со виножитни бои. И со чад.
Сличен пример доаѓа од Калифорнија, каде чесните сестри одгледуваат марихуана и продаваат производи од канабис
Дека Меѓународната црква на канабисот во Денвер не е единствен случај каде една религиозна заедница користи марихуана во својата секојдневна „работа“, го потврдува и примерот на часните сестри од редот „Sisters of the Valley“ (Сестри од долината) кои на својата фарма во местото Мерсед во американската сојузна држава Калифорнија одгледуваат марихуана и произведуваат и продаваат лекови и козметика, тинктури, балсами и масла од канабис.
Како што претходно пишувале од „Путни Кофер“, нивната мисија е да ги направат природните лекови базирани на билки достапни за луѓето низ целиот свет. Тие имаат визија да станат мост помеѓу Мајката Земја и нејзините жители кои страдаат, како и да ги отворат очите на светот кон сите благодети што ги нуди природата. Во Калифорнија имаат две фарми, а сестрински фарми од ваков тип веќе се отворени во Обединетото Кралство, Нов Зеланд, Данска, Мексико, Бразил и Кенија. Според податоците од нивната интернет-страница, во светот во моментов има околу триесет сестри од овој ред, а постојано се јавуваат и нови заинтересирани членови.















