Македонската фудбалска репрезентација доживеа едно од своите најтешки порази во поновата историја, губејќи со убедливи 7:1 на гостувањето кај Велс во последното коло од квалификациите за Светското првенство 2026. Натпреварот во Кардиф, кој носеше огромна тежина за двете селекции, заврши со вистински дебакл на „Милениум“ стадионот.
Крај на долгата серија без пораз
Македонија речиси две години немаше пораз во официјални натпревари, но позитивната низа се распадна токму кога беше најважно. Репрезентацијата одигра далеку под својот стандард – одбраната беше тотално нефункционална, средниот ред не успеа да воспостави контрола, а со исклучок на голманот Димитриевски, ретко кој ја заврши вечерта со позитивна нота. Дел од вината паѓа и на селекторот Благоја Милевски, чија поставеност и тактика очевидно не дадоа резултат.
Краток блесок, па пад
Македонија накратко возврати преку Миовски, кој во 23. минута ја намали предноста на 2:1 и накратко врати дел од надежта. До крајот на полувремето следеше мал притисок со неколку корнери и опасен слободен удар на Барди, но тоа беше сè што нашиот тим успеа да создаде.

Велс доминираше – Вилсон блесна со хет-трик
Велшаните од самиот старт диктираа темпо. Хари Вилсон беше човекот на натпреварот, постигнувајќи хет-трик и целосно уривајќи ја македонската одбрана. Покрај него, во листата стрелци се впишаа Брукс, Џонсон, Даниел Џејмс и Бродхед, кој го постави конечниот резултат во 88. минута.
Првиот дел заврши 3:1 за домаќините, а во второто полувреме Велс само ја продолжи агонијата со нови четири гола – уште еден доказ дека Македонија вечерва немаше решение ниту во дефанзива ниту во напад.
Што следува за Македонија?
Со овој убедлив пораз, Велс го освојува второто место во групата и избори плејоф. Македонија, пак, ќе мора да го бара својот пат кон Мундијалот преку Лигата на нации, при што ќе биде дел од четвртата квалитативна група на ждрепката. Извлекувањето ќе се одржи во четврток во 13 часот.









