Стојчевски: Постои разочараност, теренот беше ист за двете селекции

Дерби

14/11/2025

11:29

225

Големина на фонт

а а а

Македонија немаше доволно свежина и острина во нападот на вчерашниот натпревар со Летонија и одигра 0:0 против аутсајдерот, а тоа воедно беше прво реми за Летонците после пет порази во низа од нашиот национален тим.

Избраниците на Благоја Милевски создадоа неколку шанси и не успеаја да профитираат од истите, но од прикажаното на теренот, се доби впечаток дека репрезентативците со мислите се веќе во Кардиф, односно на најважниот натпревар кој следи во квалификациите за Светско првенство.

Милевски како селектор ги пофали играчите за залагањето и се пожали дека репрезентативците заслужуваат подобри услови за игра од оние кои ги нуди теренот на Националната арена, а на оваа тема се огласи и Андреј Стојчевски, фудбалерот кој вчера беше стартер во срцето на одбраната.

– Секако дека постои разочараност во нашиот табор затоа што не остваривме победа, бидејќи ние на секој меч одиме на триумф. Теренот е ист и за двете селекции така што не треба да служи како изговор. Во дефанзивата добро функциониравме, сепак ни недостигаше тој гол, тој момент во офанзивниот дел.

– Што е тука е, одиме во Велс да покажеме што знаеме, да покажеме дека ништо не е случајно, да победиме и да го обезбедиме тоа второ место во групата. Атмосферата во националниот тим е добра и како што реков, одиме на победа во Кардиф. Се надевам дека ќе се вратиме со три бода, – изјави Андреј Стојчевски за ФФМ.