Марија Кири (Склодовска – Кири), родена на денешен ден, 7 ноември 1867 година, потекнувала од скромно семејство од средната класа кое високо го ценело образованието.
Нејзиниот татко бил професор по математика и физика, сè додека не бил отпуштен поради своите прополски политички убедувања, а мајка ѝ била директорка на женски интернат. Таа се повлекла од работата кога ја родила Марија, а десет години подоцна заболела од туберкулоза и починала.
Истата година малата Марија започнала да посетува интернат, а потоа ја завршила женската гимназија со одличен успех. Љубовта кон знаењето, особено кон физиката и математиката, ѝ ја всадил нејзиниот татко, но во тоа време високото образование било дозволено само за мажи.

Таквите општествени и политички услови ја натерале Марија да побара алтернатива – тајната патриотска институција „Латајчи универзитет“, која во скриеност ги образувала Полјаците и Полјачките.
Сонувајќи за Париз и за престижниот универзитет Сорбона, таа направила договор со својата сестра Бронислава: Марија ќе ѝ помага финансиски додека студира медицина, а по нејзиното дипломирање сестра ѝ ќе ѝ го врати долгот. Марија се вработила како гувернантка и приватна учителка кај семејството Жоравски, на кои им праќала дел од заработката за да ја поддржи сестра ѝ. Тоа искуство ѝ ја донело и првата голема љубов – со Казимир Жоравски, синот на нејзините работодавци. Но, неговите родители не можеле да прифатат врска со сиромашна гувернантка, па љубовта пропаднала под притисок на општеството.
Разочарана, Марија се преселила во Париз, каде што се запишала на студии по физика, хемија и математика на Сорбона. Следеле години на сиромаштија, лишувања и глад, но тврдоглавата Полјачка не се откажала. Во 1894 година ја започнала својата научна кариера со истражување на магнетните својства на челикот, а токму тогаш во нејзиниот живот влегол физичарот Пјер Кири.

Бидејќи ѝ требала лабораторија за експериментите, Пјер ѝ ја понудил својата. Пријателството засновано на заедничка љубов кон науката постепено се претворило во љубов, но Марија ја одбила неговата прва просидба, верувајќи дека ќе се врати во Полска и таму ќе ја продолжи кариерата. Пјер бил подготвен дури и да се пресели со неа и да работи како професор по француски, но судбината имала друг план.
Полскиот универзитет во Краков ѝ ја одбил апликацијата само затоа што била жена. Тогаш Пјер ја охрабрил да се врати во Париз и да го продолжи својот докторат. Тие се венчале во 1895 година, на скромна церемонија, а Марија наместо венчаница носела темносина облека што подоцна ја користела како лабораториски мантил.

Сопружниците Кири целосно му се посветиле на научниот труд, кој во 1903 година резултирал со номинација за Нобелова награда. Првично, комитетот планирал наградата за физика да му ја додели само на Пјер и неговиот колега Анри Бекерел за истражувањата на радијацијата, но шведскиот математичар и борец за правата на жените во науката, Магнус Густав Митаг-Лефлер, го предупредил Пјер дека Марија е неправедно изоставена. По неговата интервенција, и Марија Кири била номинирана и станала првата жена што ја добила оваа престижна награда.
Три години подоцна, Пјер трагично загинува во сообраќајна несреќа. Марија останува сама со ќерките Ева и Ирен, но не се повлекува од науката. Во 1911 година ја освојува својата втора Нобелова награда – овојпат за хемија. Во меѓувреме го напишала животописот на својот сопруг, под наслов „Пјер Кири“, и се вратила во Полска за да учествува во полагањето на темелите на институтот што и денес го носи нејзиното име.

Марија Кири починала на 4 јули 1934 година од последици на апластична анемија, предизвикана од долгогодишна изложеност на радијација. Денес се слави како една од највлијателните научнички во историјата и симбол на феминизмот – жена благодарение на која генерации девојчиња се осмелуваат да сонуваат големи соништа.















