Серијата „Nobody Wants This“ стекна култен статус уште од премиерата на првата сезона минатата година, но дел од фановите се разочараа од втората сезона поради еден специфичен детаљ.
Новата сезона премиерно беше прикажана на почетокот од овој месец, но многу гледачи опишуваат дека делува како „една голема реклама“ и тврдат дека повеќе наликува на оглас отколку на телевизиска серија.
Популарната романтична комедија на „Netflix“, во која Кристен Бел ја толкува Џоан, а Адам Броди го игра рабинот Ноа, стана вистински хит кога се појави минатата година. Но, рекламите во новата сезона ги разгневија гледачите.

„Ова не е забава, ова е низа спонзорства и брендови поврзани со прекумерни сцени во кои Морган си ја допира косата“, напиша еден гледач.
Во серијата, ликовите често се појавуваат со јасно видливи брендови – шолји и кутии од „Dunkin' Donuts“, накит од „Jennifer Meyer“ (блиска пријателка на креаторката на серијата, Ерин Фостер), дуксер од брендот „Fly by Jing“ (познат по сечуанското чили масло), како и крупни кадри на производи на „Estée Lauder“ во текот на користење.
„Требало да ја преименуваат серијата во ‘Nobody Wants This Product Placement’ (Никој не го сака ова пласирање на производи)“, се пошегувал еден корисник на „Reddit“.
Маичка со името на Ден Тана на главната актерка
Исто така, постојат и две сцени поврзани со ресторанот „Dan Tana’s“ на славниот Србин Ден Тана – во едната сцена Џоан носи маичка со натпис „Dan Tana’s“, а подоцна во епизодата се појавува и самиот натпис на ресторанот.

Кој беше Ден Тана?
Добривоје Танасијевиќ, познат под своето уметничко име Ден Тана, беше еден од најбогатите и највлијателни Срби во светот. Богатството го стекна како сопственик на престижниот ресторан во Лос Анџелес што го носи неговото уметничко име – „Dan Tana’s“. Локалот го посетуваа бројни холивудски ѕвезди од А-листата.
Овој поранешен фудбалер и актер своевремено откри дека познатиот ресторан го купил за само еден долар, а подоцна го продал за милиони американски долари.

Роден како Добривоје Танасијевиќ во близина на Белград, во тогашна Југославија, Тана уште како тинејџер играл фудбал, а потоа станал професионален фудбалер во Канада, пред да се пресели во Холивуд.
Почина на 16 август 2025 година, на 90-годишна возраст, и беше погребан во Белград.










