„War Machine“, новиот научно-фантастичен акционен филм со Алан Ричсон во главната улога, моментално е најгледаниот филм на „Netflix“ и ја освојува публиката ширум светот.
Има 39.300.000 прегледи, според официјалните податоци кои го опфаќаат периодот од 2 до 8 март. „War Machine“, кој го режираше Патрик Хјуз, ги следи последните регрути од исцрпувачкиот камп за обука на специјалните сили кои се соочуваат со смртоносна сила надвор од овој свет.
Во филмот исто така глумат Денис Квејд, Стефан Џејмс, Џаи Кортни и Есаи Моралес. Ричсон го толкува Наредник бр. 81, ветеран од Авганистан со ПТСН кој тешко се поврзува со другите кандидати и ја одбива позицијата водач на тимот на полигонот и покрај своето искуство.
За време на последната вежба, тимот е исплашен од експлозија на небото пред во потокот да пронајдат нешто што изгледа како летало. Меѓутоа, откако го детонираат со експлозив, тоа се трансформира во подвижна машина и почнува да ги убива.

„War Machine“ оствари солидно деби и кај публиката и кај критичарите. Критичарите на „Rotten Tomatoes“ го оценија со 69 проценти, а публиката со 73 проценти.







