[ФОТО] Мистериозен објект удрил автомобил во Австралија – се сомневаат дека е метеорит

Точка

03/11/2025

09:01

678

Големина на фонт

а а а

Австралиски возач доживеал необичен инцидент на автопат – мистериозен објект удрил во неговиот автомобил „Tesla“, а се сомнева дека станува збор за метеорит. Ако тоа се потврди, ќе биде прв регистриран случај во светот на удар на метеорит во возило во движење.

Eндру Мелвил-Смит, ветеринар од Вајала, Јужна Австралија, го пријавил настанот во Музејот на Јужна Австралија, кој сега го истражува потеклото на необичниот проектил, пренесува „Science Alert“.

Мелвил-Смит за „Australian Broadcasting Corporation (ABC)” изјавил дека објектот удрил во шофершајбната со толкава сила што изгледало како стаклото да се омекнало и делумно да се стопило, со пукнатини кои се ширеле од местото на ударот.

„Мислев дека се судрив – беше толку гласно, толку насилно, целосно неочекувано“, раскажал тој. Интересно е што автомобилот, кој наводно бил на автопилот, продолжил да вози како ништо да не се случило.


Научниците го истражуваат случајот

Експерти од Музејот на Јужна Австралија го испитуваат инцидентот за да го утврдат потеклото на проектилот. Првиот чекор е детална анализа на стаклото за да се види дали во него се задржале микроскопски честички од објектот.

„Она што е навистина необично е тоа што стаклото на неговата шофершајбна изгледа како да е малку стопено; очигледно имало голема количина топлина при ударот", изјавил за „ABC“ минералогот Киран Мини од музејот.


Метеорит или нешто сосема друго?

Материјал од вселената постојано паѓа на Земјата, но најчесто станува збор за микроскопска космичка прашина. Поголеми фрагменти се ретки, бидејќи обично горат во атмосферата. Затоа е исклучително ретко некој да види пад на метеорит – а уште поретко, тој да удри во возило.

Научниците објаснуваат дека метеоритите, кога ќе стигнат до површината, вообичаено се ладни, но ако објектот се движи со голема брзина, неговата кинетичка енергија може при ударот да се претвори во топлинска енергија, создавајќи интензивна жештина.

И покрај првичните сомнежи, постојат и други можни објаснувања – како вселенски отпад, делови од авион, или дури и обичен камен.

„Можно е, по дополнителните анализи, да откриеме дека се работи за нешто сосема друго, но во моментов најмногу се сомневаме на метеорит", рекол Мини.

„Ако се потврди дека е метеорит, ќе заминеме на местото на инцидентот и ќе се обидеме да го пронајдеме фрагментот од карпата“, додал тој.