Некогаш се сметаше дека оној што има најмногу – најмногу и штеди. Меѓутоа, милијардерската двојка од Хјустон, Рич и Ненси Киндер, покажува дека огромното богатство може да биде и средство за добротворност.
Двајцата веруваат во библискиот принцип „дај и ќе ти биде дадено“ и одлучиле најголемиот дел од својот имот да го насочат во хуманитарни цели, наместо во наследство.
Рич и Ненси Киндер планираат 95 отсто од своето богатство, проценето на 11 милијарди долари, да донираат во различни добротворни организации. Нивните наследници ќе добијат околу 550 милиони долари – „трошки“ во однос на вкупното богатство, но брачниот пар смета дека зад таквата одлука стои добра причина.
За телевизијата „ABC13“ од Хјустон, Ненси Киндер ја објасни нивната мотивација:
„Сакам нашите внуци да бидат горди на нас – и мислам дека веќе се. Но, најмногу од сè, сакам да знаат дека очекуваме и тие да го направат истото кога ќе пораснат. Да возвратат, затоа што не е сè на нас – тие мора да го продолжат она што ние го започнавме“.
Фондација „Kinder“ – визија за подобар Хјустон
Рич Киндер е соосновач на компанијата „Kinder Morgan“, енергетски гигант вреден повеќе од 66 милијарди долари, кој во 2025 година се најде на 193-тото место на листата „Fortune 500“.
Неговата сопруга Ненси ја води Фондацијата „Kinder“, основана во 1997 година, преку која вложиле повеќе од 700 милиони долари во развојот на Хјустон.

Нивните донации опфаќаат проекти што го подобруваат квалитетот на животот на граѓаните – од уредување зелени површини и урбани паркови, до инвестиции во образование и истражување.
Ненси Киндер претседава и со организациите „Downtown Park Corp.“ и „Kinder Institute for Urban Research“ при Универзитетот „Рајс“.
Дел од глобалното движење на филантропи
Сопружниците Киндер се меѓу најпознатите филантропи во Тексас и се едни од првите потписници на иницијативата „The Giving Pledge“ („Завет на дарувањето“), која во 2010 година ја започнаа Бил Гејтс, Мелинда Гејтс и Ворен Бафет.
Целта на иницијативата е најбогатите луѓе во светот јавно да се обврзат дека ќе донираат најмалку половина од своето богатство во добротворни цели – за време на животот или по нивната смрт.
Според податоците на магазинот „Fortune“, од своето основање до денес, фондацијата „Kinder“ донирала повеќе од 890 милиони долари, со што Рич и Ненси Киндер станале симболи на филантропија и одговорен однос кон богатството.
                                











