Рома ја забележа седмата сезонска победа во Серија А и тоа во дуелот со Парма.
„Волчицата“ го одбрани домашниот терен и триумфираше со 2-1, резултат со кој дојде до 21 поен и остана на делба на првото место со Наполи кој во оваа рунда славеше над Лече.
- Три важни и добри поени. Се мачевме, особено во првите 30 минути, бидејќи секогаш одвојуваме време да ги преземеме соодветните мерки. Треба да работиме на ова, но кога ги поправивме работите, игравме добро, не дозволивме многу и создадовме можности, - истакна тренерот Џан Пјеро Гасперини кој запрашан за тоа дали целта, амбициите на Рома се променети со оглед на тоа што се на врвот, искусниот стратег во негов стил порача:
- Да, требаше да тренираме утре попладне, но наместо тоа ќе тренираме наутро. Потоа повторно тренираме во петок наутро, сабота попладне, а потоа во недела одиме во Милано. Ако победиме, ќе останеме на врвот; ако не, мора да се надеваме на другите, - порача предводникот на клубот од Рим.







