Врвните фудбалски стручњаци од Европа со нетрпение го чекаат крајот на квалификацискиот циклус за Светско првенство, не само поради акумулираниот замор кај фудбалерите, туку и поради повредите кои се се почеста слика.
ФИФА вирусот зема голем замав и во месец ноември, а како што стојат работите, жртва од истиот ќе биде и Едер Милитао, стоперот на Реал Мадрид.
Чаби Алонсо доби уште една лоша вест пред да го одржи првиот тренинг со репрезентативците, бидејќи покрај Хаусен, сега детални прегледи ќе мора да прави и Милитао.
Стоперот не го доигра пријателскиот меч со Тунис и побара замена во 58-та минута, а тоа го направи со болна гримаса на лицето и со јасни сигнали за изразена болка.
Милитао заработи мускулна повреда и при излегување од игра се држеше за адукторот, па јасно е дека сега ќе мора да прави магнетна резонанца која ќе одреди дали станува збор за повреда од повисок степен.







