Слика на шпанскиот уметник Пабло Пикасо, за која се верува дека ја прикажува неговата муза и партнерка Дора Мар е продадена за 27 милиони евра на аукција во Париз.
Делото насловено како „Биста на жена со цветна шапка (Дора Мар) 1943“ го купило француско семејство во 1944 година и останало во нивната приватна колекција со децении, сè додека наследниците не одлучиле да ја продадат.
Продажната цена, вклучувајќи ги и надоместоците, изнесувала 32 милиони евра, изјави портпаролот на аукциската куќа „Друо“.

Купувачот бил во аукциската сала, но не бил идентификуван.

Платното никогаш не било прикажано на јавноста пред аукцијата, а единствениот доказ за неговото постоење била фотографија од сликата од 1944 година.
„Без сомнение тоа е најтрогателното дело на Пикасо кое ја вклучува неговата муза, бидејќи требало да ја напушти Дора Мар за француската сликарка Франсоаз Жило“, рече Кристоф Лусиен од аукциската куќа „Друо“.

Експертката за уметност Агнес Севестр-Барб рече дека наследниците одлучиле да ја понудат сликата на продажба бидејќи не можеле физички да ја поделат меѓу себе.







