[ВИДЕО] Пилот снимил „лет низ виножито“: Се огласија научниците и објаснија за што се работи

Точка

25/10/2025

18:45

1.488

Големина на фонт

а а а

Надреална снимка од пилотската кабина на мал авион кој навидум лета директно во срцето на виножитото стана вирален хит на ТикТок.

Видеото, кое го објавил 26-годишниот Ник Браун, собра речиси 15 милиони прегледи откако било објавено на 9 октомври, а ја прикажува глетката што го одзема здивот.

„Вака изгледа да леташ директно во виножито, патем кажано“, напиша тој во описот.

Случајно снимил неверојатна глетка

Снимките снимени од пилотската кабина создаваат илузија дека авионот се приближува и поминува низ живописните двојни лакови на виножитото. Како што леталото се приближува, боите се шират и на крајот бледнеат, давајќи впечаток на минување нив.


Браун откри за „Њузвик“ дека овој магичен момент бил сосема случаен, снимен за време на утринскиот лет над рурално подрачје во Јужна Флорида. „Бев во „Цесна 172“ и мојот пријател управуваше во авионот. Го видовме виножитото кратко по полетувањето и секако се движевме во таа насока, така што совршено се погоди да прелетаме низ него“, рече тој.

Што вели науката?

Иако видеото го прикажува авионот како влегува во виножито, тоа е физички невозможно. Како што објаснува Националната океанска и атмосферска управа на САД (NOAA), виножитото не е опиплив објект што постои на одредена локација.

„Виножитото всушност не е „нешто“ и не постои на одредено „место“, вели „NOAA“. „Тоа е оптички феномен што се јавува кога сончевата светлина и атмосферските услови се токму соодветни – и кога позицијата на набљудувачот е токму соодветна за да го види тоа“. Тоа значи дека она што го доживеал Браун била уникатна глетка што зависела исклучиво од неговата позиција во однос на сонцето и капките вода во воздухот.


Како настанува виножито?

Виножитото се создава со прекршување, одбивање и расејување на светлината во капките вода. Светлината влегува во капката, се прекршува, се одбива од нејзината внатрешност и во тој процес се дели на нејзините составни бои. Иако обично се гледа како лак од земјата, понекогаш од авион можно е да се види целосен круг. „Целосно виножито е всушност целосен круг, но ние гледаме само дел од него од земјата“, објасни „NOAA“.

Снимката на Браун, исто така, покажува секундарен, поблед лак над примарниот. Овој феномен е предизвикан од дополнителна, втора рефлексија на светлината во капките вода. Поради оваа двојна рефлексија, светлината излегува под различен агол, предизвикувајќи вториот лак да се појави над првиот, со обратен редослед на боите.