Тројца планинари од Хрватска загинале откако биле затрупани од лавина во Словенија. Во групата биле седум лица, а четворица успеаја да се спасат.
Миа, Тончи, Бернард и Дубравко, преживеаните планинари, решиле да проговорат за судбоносниот ден.
Како што изјавиле за „Слободна Далмација“, поради загинатите пријатели и нивните семејства, сакаат точно да се знае што се случило и како се случило.
„Токму поради нивните семејства сакаме да се чуе вистинската вистина. И поради нашиот Марио, искусен планинар“ рекле тие и додале дека се појавиле некои дезинформации.
Според нив, Марио секогаш се грижел сите да има соодветна опрема.
„За него, она што се кажуваше и пишуваше би било убиствено, бидејќи не би можел да поднесе некој да помисли дека тој тргнал со глава в ѕид, дека тие на своја рака сами отишле горе во такви временски услови, а ние, како попаметни, сме останале во домот. Тоа најмногу нè налути и растажи затоа што не беше така“, истакнале планинарите.
„Во сабота наутро, тргнавме од паркингот од Покљука кон планинарскиот дом Водник. Ручавме таму горе, а потоа се упативме понатаму кон врвот на Триглав, односно кон планинарскиот дом Планика, каде што направивме кратка пауза. Јас бев единствениот што се откажа од понатамошното искачување бидејќи не се чувствував физички подготвен. Тие го завршија врвот, се вратија во домот околу 19:30 часот. Седевме до десет часот навечер, вечеравме, разговаравме, се шегувавме и си легнавме“ опишал Бернард.
Следното утро, наврнал повеќе снег од предвиденото. Разговарале со водич кој ги предупредил за дел од патеката што поради времето морале да го заобиколат. Оделе во колона половина час.
„Седуммина од нас на растојание од 15 до 20 метри од првиот до последниот. Се враќавме долу кон автомобилите, тргнавме дома. Таму се случи лавината, која ги однесе нив тројцата во бездна, двајца некако успеаја да останат горе, шестиот и седмиот немаа никаков контакт со лавината“ раскажаа планинарите.
Значи, на чело на колоната бил Мариo Боко како водич, најискусниот. По него следувале Миа, потоа Тончи, како втор и трет, потоа браќата Андрија и Роко, како четврти и петти, и Бернард и Дубравко на крајот. Лавината ги однела тројцата од нив и засекогаш им го сменила животот на сите. Првата од четирите лавини.
Миа била втора во колоната, а зад Марио: „Се сеќавам само дека одеднаш ја почувствував таа лавина и дека се закопав со стаповите и нозете, чекајќи да помине… Чувствував како снегот се насобира врз мене, како ме турка, но се држев да останам на нозе, за да не ме однесе во смртта“, рекла Миа.
Тончи бил трет во колоната, пред браќата што загинале: „Благодарение на Дубравко. Да не беше тој, денес немаше да бидам жив. Одевме по таа падина, тој одеднаш извика: „Легнете!“ Инстинктивно се спуштив и почувствував како снегот ми поминува преку главата и коските. Да не извика тој, сега немаше да разговарам со вас“, раскажал Тончи.
Почнале да копаат, но не ги пронашле своите пријатели. Сфатиле дека лавината ги однела во бездната. Се скриле под елка и повикале помош. Недолго по првата, се случиле уште три лавини.
„Се случи одеднаш, немаше звук, грмотевици, како да сте пружиле огромно ќебе преку нив, сè побеле. Тоа едноставно прелета“ рекол Дубравко, кој бил последен во колоната, за Слободна Далмација.
Како што рекле планинарите, помош чекале четири часа и две минути. Имено, спасувачите не можеле да дојдат со хеликоптер, само пеш.
„Словенците нѝ кажаа дека немале потешка акција од оваа во последните триесет години. Откако го пронајдоа Марио, и тие беа погодени од лавина, петтата, едвај успеаја да се извлечат, го прекинаа понатамошното пребарување. И нивните животи беа загрозени“, нагласиле хрватските планинари.
Тие ги пофалија Словенците, но открија едно нешто што им беше тешко.
„Полицијата нè испрашуваше дали сме имале некаква кавга со починатите. Мораа да го направат тоа според протоколот, разбираме, но во тој момент нѝ беше многу тешко“ истакнал Дубравко.