Овогодинешната добитничка на Нобеловата награда за мир, Марија Корина Мачадо (58) е венецуелска опозициска политичарка и индустриски инженер која влегла во политиката во 2002 година, како основач на „Сумате“ (група за набљудување на изборите).
Таа била пратеничка во венецуелскиот парламент од 2011 до 2014 година и моментално се смета за лидер на опозицијата во таа земја.
Таа е симбол на борбата против режимот на претседателот Николас Мадуро и е основач на движењето „Венте Венецуела“, а позната е по своите немилосрдни критики кон авторитарната влада и повиците за обнова на демократијата во земјата уништена а од корупција, инфлација и политички прогон.
Таа била, како што наведе Нобеловиот комитет во образложението за наградата, клучна, обединувачка фигура на опозицијата која некогаш била длабоко поделена, „опозиција која најде заеднички именител во барањето за слободни избори и претставничка влада“.
„Токму ова лежи во срцето на демократијата: нашата заедничка подготвеност да ги браниме принципите на народното владеење, дури и кога не се согласуваме. Во време кога демократијата е под закана, поважно е од кога било да се брани ова заедничко тло“, соопшти Нобеловиот комитет.
Во 2018 година, таа била вклучена во групата од 100 жени на Би-би-си, а оваа година списанието Тајм ја вклучи на листата на 100 највлијателни луѓе во светот.
Во текот на последната година, Мачадо се криела поради сериозни закани по нејзиниот живот, а режимот на венецуелскиот претседател Николас Мадуро ѝ забранил да ја напушти земјата.
На 1 август 2024 година, таа објави писмо во „Волстрит џурнал“ во кое навела дека ќе мора да се крие „поради страв за својот живот, слободата и слободата на нејзините сонародници од диктатурата на Мадуро“.
Исто така Мачадо била кандидатка на претседателските избори во 2012 година, но загубила од Енрике Каприлес.
За време на протестите во Венецуела во 2014 година, Мачадо била една од водечките личности која ги организирала против владата на Николас Мадуро.
Во јануари 2024 година, како што се приближувале претседателските избори, Врховниот суд на Венецуела, контролиран од Мадуро, ја дисквалификувал од политиката 15 години, забранувајќи ѝ да се кандидира за функција.
Тогаш била заменета од Корина Јорис, но таа била спречена да се регистрира како кандидат и привремено ја заменил Едмундо Гонзалез Урутија.
Мачадо е добитничка на неколку меѓународни награди, вклучувајќи ја наградата „Сахаров“ за слобода на мислата (2024) и наградата „Вацлав Хавел“ за човекови права.
За многу Венецуелци, Марија Корина Мачадо останува симбол на храброст, граѓански отпор и надеж дека земјата, по години авторитарно владеење, повторно ќе го најде својот пат кон слобода и политички промени.