Гаши: Собранието треба да е катализатор на промените во домувањето и енергетската ефикасност

Макфакс

10/10/2025

17:13

125

Големина на фонт

а а а

Денеска, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши оствари средба со претставници на глобалната мрежа од САД „Habitat for Humanity International”, како и со претставници на „Хабитат Македонија”. Средбата се реализираше во рамки на одбележувањето на 20 годишнината од основањето и работата на Хабитат Македонија во нашата држава.

На средбата претседателот Гаши ја честиташе годишнината која се одбележува оваа недела и подвлече дека до сега нема институционална трага за соработка меѓу Собранието и Хабитат Македонија. Со оглед на важната мисија и активности кои Хабитат, но и стратешкото партнерство на Северна Македонија и САД, Гаши укажа дека со институционализирање на соработката меѓу Собранието и Хабитат активностите ќе станат повидливи, а свесноста за важноста од социјалното домување, енергетската ефикасност и енергетската сиромаштија ќе се крене на повисоко ниво. Претседателот истакна дека пратениците, преку поднесените предлог – закони треба да се катализатор на унапредувањето на законските одредби за домување и енергетска ефикасност.


Националниот директор на „Хабитат Македонија”, Зоран Костов во своето обраќање се заблагодари што за прв пат претседател на Собранието организира средба со Хабитат и се согласи за потребата од продлабочување на Соработката. Во своето обраќање се фокусираше на Законот за домување кој по 13 години јавни дебати, конечно се усвои во мандат на овој парламентарен состав. Отвореноста на претседателот и Собранието за соработка со Хабитат ја оцени како особено значајна бидејќи претставува директна придобивка за граѓаните и квалитетни закони кои се предложени и гласини од директните претставници на граѓаните.

Учесниците на средбата се согласија дека секоја активност која се темели на благосостојбата на човекот мора да е приоритет за политичарите. Достоинствениот живот на граѓаните е универзално право за секоја индивидуа. Промената на фокусот наративот на политичарите за важноста на домувањето, неминовно ќе се рефлектира на целокупното законодавство во било која држава.