Филипче: Над 45 реализирани проекти во Росоман, поддршка за Стојан Николов за да продолжи напредокот

Макфакс

09/10/2025

17:38

139

Големина на фонт

а а а

„Росоман е пример дека кога локалната власт работи со срце, резултатите се гледаат“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на граѓанската трибина во Росоман „Се бориме за нашиот дом“.

Филипче нагласи дека градоначалникот Стојан Николов за овие години покажа што значи вистинско водење на општината во интерес на граѓаните:

„Над 45 проекти се завршени комплетно, многу улици, плоштад, ново улично осветлување, детски игралишта, водоводи, канализации, покриен пазар, доградба на детската градинка, парк. Стојан Николов ја врати довербата во институцијата што треба да биде најблиску до човекот.“

Тој порача дека Росоман е доказ дека со план, со програма и со луѓе што ја сакаат општината, може да се создаде средина во која се живее подобро.

„Вашата поддршка за Стојан Николов е глас за да продолжи напредокот на Росоман, да не им го оставиме на оние кои ја гледаат општината како плен. Таа ваша поддршка не е само за еден човек, туку за идејата дека политиката може да биде чесна, фер и посветена на граѓаните“, истакна Филипче.

Претседателот на СДСМ потенцираше дека овие локални избори не се обични избори туку на нив се одлучува и како ќе продолжи Македонија понатаму.

„Се бориме за земја што ќе го вреднува трудот. Се бориме за фер цена, за навремена исплата, за сигурен откуп. Се бориме за работниците, за минимална плата над 500 евра, за држава во која секој ќе може да живее достоинствено од она што го создава. Се бориме за младите да не се иселуваат, тука да ја гледаат својата иднина“, рече Филипче.

Претседателот на СДСМ повика на масовна излезност на изборите на 19 октомври и побара поддршка за кандидатите на СДСМ и коалицијата.