Познатиот пејач Халид Бешлиќ почина на 72-годишна возраст по долго боледување во Клиничкиот центар на Универзитетот во Сараево.
Кралот на севдахот беше болен веќе некое време и беше хоспитализиран на одделот за онкологија, но денес ја загуби битката за живот.
До крајот покрај него беше неговата сопруга Сејда Бешлиќ, која секогаш му била вистинска поддршка и потпора.
Само неколку дена пред смртта на пејачот, беше објавена песната „Sejda“, која Халид ја посвети на сопругата Сејда.
Љубовна приказна на Халид и Сејда Бешлиќ
Халид и Сејда се запознале кон крајот на 1970-тите, кога пејачот бил на почетокот на својата кариера и ги снимал своите први синглови.
Во тоа време, Сејда работела во фабрика за чоколадо. Кога првпат ја видел на прослава на 8 март, Халид на шега ѝ предложил брак.
Се покажало дека воопшто не се работело за шега, па се венчале по шест месеци врска.
„Жена ми не ја запознав на настап. Во една кафеана каде што настапував, на влезот во Сараево … Сестрата на жена ми работеше таму, беше готвачка и ме запозна со сопругата. Таа не одеше во кафеани. Кога се запознавме видов дека тоа е тоа, се забавувавме половина година и веднаш потоа се венчавме. Ете, и по толку години функционираме сè до ден-денес. Имаше тешки години во нашата врска, но сè надминавме… Кога бевме помлади, тоа некако беше и нормално“, своевремено раскажал пејачот.
Кога се венчале во 1977 година, Сејда дала отказ од работа и решила да го посвети својот живот на семејството.
Од нивната љубов се родил синот Дино. За жал, тие не можеле да имаат повеќе деца и тоа е нешто што секогаш ги растажувало.
Исто така, на Сејда своевремено ѝ бил дијагностициран рак на јајниците, а по операцијата станало сигурно дека нема да можат да имаат повеќе деца.
„Мојата сопруга имаше проблеми со јајниците и поради тоа не можевме да имаме повеќе деца. Имаше тумор на јајникот, го решивме со операција и тоа беше последицата“ изјави Халид во една емисија.
Во текот на 48-годишната љубовна приказна, Халид и Сејда поминале низ бројни предизвици, подеми и падови.
Еден од особено трауматичните периоди беше кога Халид го изгубил видот на едното око во тешката сообраќајна несреќа во 2009 година.
Пејачот подоцна изјавил дека неговата сопруга му била најголема поддршка во тие тешки моменти.
До неговата смрт, тие останале заедно обединети во љубов. Најмногу од сè, во последните години, тие се радувале на своите внуци, кои им ги подариле нивниот син Дино и снаата Махира.
Најубавиот период од животот следувал по 2014 година кога станале баба и дедо.
„Секој ден сум со нив барем еден, два или три часа. Живеам во станот до мојот син, нè дели ѕид. Наутро, обично одам кај нив на кафе, а потоа внуците доаѓаат и скокаат врз мене. Разговараат, трчаат, од сè по нешто“ раскажал Бешлиќ во едно интервју.