Американскиот актер Ричард Гир, продуцент на документарниот филм „Далај Лама – Мудроста на среќата“, изјави дека светските политички лидери како израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху или американскиот претседател Доналд Трамп „не би требало да постојат“.
„Лидери како Нетанјаху и Трамп не би требало да постојат, бидејќи се неодговорни и немаат визија. Тие не се мудри. Тие се алчни, моќни и богати, а ние повеќе не можеме да имаме такви лидери. Ако сакаме свет кој е мирен, љубезен, великодушен и безбеден за нас, нашите деца, внуци и правнуци, мора да направиме сè што можеме вакви луѓе никогаш повеќе да не бидат избрани“, изјави Гир за италијанската агенција Анса.
Гир, кој го практикува будизмот, истакна дека Далај Лама го поттикнува секој поединец да биде одговорен за промените во светот.
Тој објасни дека Лама учи дека иако молитвата е важна, „конкретната акција е она што навистина го менува светот“.
Зборувајќи за неговата прва средба со Далај Лама во 1982 година, Гир рече дека присуството на овој духовен водач било вистински извор на инспирација.
„Кога си со некој што работел на елиминирање на глупоста и развивање на љубезност и мудрост, сфаќаш дека тоа е всушност можно во светот“, рече актерот.
Документарецот „Далај Лама – Мудроста на среќата“ ќе се прикажува во кината од 6 до 8 октомври и нуди поглед на мудроста на Далај Лама, добитникот на Нобеловата награда за мир, кој на 90-годишна возраст продолжува да ја шири својата порака за мир.
Во филмот, Лама истакнува дека секое човечко суштество сака мир и среќа, но дека 21-от век нема да биде лесен поради емоции како гнев, страв и омраза.