Вечерта на 18-от роденден на естрадниот магазин „Бекстејџ“ блесна една од најсветлите ѕвезди на македонската музичка сцена – Антониа Гиговска. Со својот шарм и енергичен настап, таа ја отвори свеченоста и ги изведе своите најголеми хитови, оставајќи го присутното множество без здив.
Антониа не само што ги освои срцата на публиката, туку и ја понесе престижната награда „Најдобра пејачка на годината“. Со емотивни зборови, таа го посвети признанието на своето семејство, својот тим и верната публика: „Оваа награда ја посветив на моето семејство, мојот грб и мојата поддршка во сè што правам…“.
Настапот на Антониа беше дополнително збогатен со нејзиниот неверојатен стил – се појави во елегантен бел фустан со корсет, од проѕирен материјал, без ракави, кој совршено ја истакнуваше нејзината грациозна фигура. Долгата руса коса, веројатно со надградба, и внимателно нанесената шминка ја направија вистинска кралица на вечерта.
Годинава, Антониа работеше неуморно, со постојани нови проекти, песни и спотови, и секогаш со максимална посветеност.
„Полека, но сигурно го привршуваме и вториот албум „Жена“, а со следните неколку песни ветувам дека ќе се изненадите“, порача таа, оставајќи чувство на возбуда кај својата публика, која со нетрпение ги очекува новите проекти.
Нeјзината музика не би била можна без тимот кој стои зад неа – продуцентите, аранжерите и сите кои го прават секој проект да звучи и изгледа беспрекорно. Со својот талент, посветеност и стил, Антониа Гиговска и оваа година потврди дека е вистинска ѕвезда на македонската музичка сцена – артистка што плени со музика, емоции и харизма.
Автор: Ц.Н.