Синоќа, на свечената прослава по повод 18-тиот роденден на естрадниот магазин „Бекстејџ“, сцената им припадна на двајца уметници што ги споија младоста и искуството. Пајак и Елвир Мекиќ ја добија наградата „Урбан хит на годината“ за заедничката песна „Негде после два“.
Овој проект не е само уште една песна – тој е симбол на враќање и нов почеток. Со наслов кој потсетува на стариот хит „Некаде после 2“, Елвир се врати на голема врата, по години отсутност од естрадата. Публиката го чекаше неговото враќање, а Пајак – кој е дел од продукциската куќа Urban Records и Букинг агенцијата Lollipop – ја спои сопствената креативна енергија со харизмата на Елвир во едно современо музичко дело.
Мелодијата е дело на Пајак, а текстот носи препознатлив печат на Елвир. Интересно е што во стиховите ненаметливо се вткаени мотиви од некогашните негови безвременски песни – „Некаде после 2“, „Армија“, „Ич не ме боли“ и „Слаба точка“. Сето тоа, обвиено во современ аранжман и изведено со искрена емоција од Иван Јованов - Ивајо, произлезе химна за ноќните души кои љубат, чекаат и сонуваат.
Оваа соработка е само продолжение на едно трајно музичко патување - пред околу една година, Пајак заедно со Јован Јованов направи ремикс на класикот од 1998 година „Магија“, проект што го врати Јован на сцена.
Она што е особено значајно е што „Негде после два“ ги спојува искуството и свежината на новото, покажувајќи дека Пајак знае да отвори пат за повторно враќање на сцена на артисти како Елвир. Наградата на „Бекстејџ“ е повеќе од признание за еден хит – таа е сведоштво за спој на генерации и за музичка енергија што ги надминува годините.
„Негде после два“ не е само песна. Таа е ноќна приказна што ќе продолжи да живее во слушалките, во автомобилите и во спомените на оние кои ќе ја пеат – можеби баш негде после два.
Автор: Ц.Н.