Извештајот за криминал на ФБИ за 2024 година, објавен во август, го покажува вкупниот број на насилни и ситни кривични дела во Соединетите Американски Држави.
Врз основа на тој извештај, порталот „Security.org“ објави студија во која се пресметани статистичките податоци за криминалот во најдобрите и најлошите градови во 2024 година. Сиетл се најде меѓу петте најлоши во две од трите анализирани категории – вкупен криминал, насилен криминал и имотен криминал.
Студијата во рамките на вкупниот криминал ги обединила насилните кривични дела како што се убиство, грабеж и напад заедно со имотните кривични дела како што се провала, кражба и кражба на моторни возила.
Според резултатите, националната стапка на вкупен криминал во 2024 година во САД изнесувала 2.119 инциденти на 100.000 жители. Врз основа на овие податоци, била утврдена процентната разлика за секој поединечен град и креирана листа на најопасните градови.
Сиетл е рангиран на четвртото место од 30-те најголеми американски градови по вкупен криминал, со стапка од 5.782,7 инциденти на 100.000 жители, што е за 172,9% повисока од националниот просек.
Портланд во Орегон, беше вториот најлош град во САД по вкупен криминал, со стапка од 6.246,4 на 100.000 жители, што е за 194,8% повисока од просекот. Меѓутоа најлошиот град бил Мемфис во Тенеси, со стапка од 9.400,3 на 100.000 жители, што е за 343,6% над националниот просек.
Стапка на имотен криминал
На национално ниво, стапката на имотен криминал во 2024 година изнесувала 1.760,1 на 100.000 жители.
„На национално ниво, имотниот криминал се намалил во 2024 година, благодарение на наглото намалување на кражбите на автомобили, што е најголем едногодишен пад во последните четири децении“, се вели во студијата на „Security.org.“ „Сепак, кражбите, провалите и криминалот поврзан со возила остануваат постојано високи во овие градови“.
Сиетл беше третиот најлош град со стапка на имотен криминал од 5.007,6 на 100.000 жители, што е за 184,5% повисока од просекот.
Портланд беше малку полош и го зазеде второто место, со стапка од 5.526,2, што е за 214% над просекот. Како и со вкупниот криминал, Мемфис беше најлош во оваа категорија, со стапка од 6.899 на 100.000 жители, или 292% над просекот.
Насилен криминал
Во однос на насилниот криминал, Сиетл не влезе меѓу 10-те најлоши градови. Просечната национална стапка на насилен криминал била 359,1 на 100.000 жители, додека стапката на Сиетл била 775,1 – речиси двојно поголема од просекот.
Од друга страна Портланд се покажа малку подобро во оваа категорија, со стапка од 720,1 на 100.000 жители.