Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека палестинската милитантна група Хамас има околу три или четири дена да одговори на неговиот мировен предлог за Појасот Газа или ќе се соочи со последиците.
На заминување од Белата куќа, Трамп им рече на новинарите дека израелските и арапските лидери го прифатиле планот и дека само се чека Хамас. Тој рече дека Хамас има околу „три или четири дена“ да одговори.
„Хамас ќе го стори тоа или не, а ако не го стори тоа, тоа ќе биде многу тажен крај“, рече тој. На прашањето дали има простор за преговори за мировен план, Трамп одговори: „Не многу“.
Мировниот план на Белата куќа за Газа предвидува, меѓу другото, крај на конфликтот меѓу Израел и Хамас и враќање на сите заложници, мртви или живи, во рок од 72 часа откако Израел јавно ќе го прифати договорот. Откако ќе бидат ослободени заложниците, Израел, според американскиот план, би ослободил повеќе од 1.000 палестински затвореници, вклучувајќи неколку стотици осудени на доживотен затвор.
Палестинската територија би била управувана од привремена „технократска и аполитична“ влада која би управувала со секојдневните работи. Хамас би бил исклучен од таа влада. Привремената влада предвидена со американскиот предлог би била под надзор на „мировен комитет“ со кој претседава самиот Доналд Трамп, а во кој би играл улога и поранешниот британски премиер Тони Блер.
Планот наведува дека „членовите на Хамас кои ќе се обврзат на мирен соживот со Израел и ќе го предадат своето оружје ќе бидат амнестирани“, а оние кои „сакаат да ја напуштат Газа ќе имаат заштитен премин до нивните земји на дестинација“, пренесуваат светските медиуми.