Германски документарец: Балканот – опседнат со оружје

Точка

30/09/2025

07:22

761

Големина на фонт

а а а

„Балканот – опседнат со оружје?“ – тоа е насловот на документарниот филм во продукција на германскиот јавен сервис „BR“, зад кој стојат авторите Ана Тилак и Зоран Икониќ. Филмот од пред неколку дена може да се погледне во „ARD“-медијатеката.

Оружје колку што погледот фаќа. Донесено од подруми и тавани – во секој случај од приватни домови. Во едно складиште во Белград: купишта пиштоли, илјадници пушки и уредно наредени автомати. Сандаци полни со ракетни фрлачи и муниција потпрени на ѕидовите. Во аголот – дури и ракетни лансери.

Така изгледаше 2023 година, кога Србите и Србинките доброволно го носеа оружјето во центрите основани од Министерството за внатрешни работи на Србија. Со тоа сакаа да расчистат со наследството од војните, кога оружјето слободно циркулираше меѓу луѓето, се пренесуваше како семејно наследство или завршуваше на црниот пазар.


Само во САД и Јемен има повеќе оружје

Амнестија за предавање оружје во Србија е спроведена повеќепати. Во тие акции се предадени над 100.000 парчиња нелегално оружје. Но со количината што сè уште постои во земјата, ефектот е ограничен.

Она што е сигурно е дека во две држави на Западен Балкан – Србија и Црна Гора – граѓаните поседуваат најмногу оружје во Европа: 39 парчиња на 100 жители. Повеќе има само во САД и во војната разурнатиот Јемен. Со други зборови, секое просечно домаќинство во Србија поседува едно парче оружје.


Поранешен криминалец денес е ријалити-ѕвезда

За многумина во Србија и Црна Гора, оружјето е дел од традицијата и секојдневието – симбол на слобода и престиж. Тоа во германскиот документарец го сведочи и Кристијан Голубовиќ. Педесетгодишникот со шарена бејзбол-капа и бројни тетоважи, со богата криминална биографија – бил дел од озлогласената белградска гангстерска сцена во 1990-тите.

„Во тоа време можеше ќебапи да размениш за пиштол“, се фали тој, додавајќи дека и денес може да набави оружје за само еден час. Признава дека со пријателите вооружени влегле во белградскиот хотел „Мажестик“ и во тогашната позната дискотека.

Голубовиќ повеќепати издржувал затворски казни, меѓу другото и во Дизелдорф, поради вооружен грабеж. „Сите користеа дрога, сите носеа оружје. Никој од никого не се плашеше, ниту некого почитуваше. Глави паѓаа секојдневно. Најмалку 80 проценти од подземјето на поранешна Југославија и на Балканот беше збришано во бран убиства“, вели тој.

Денес, пак, овој поранешен криминалец е ријалити-ѕвезда на една приватна српска телевизија, каде со месеци го снимаат во формат налик на „Big Brother“. Таму во ударен термин објаснува како најлесно се извршува убиство. На улица го застануваат обожаватели, а дел од младите дури го сметаат за пример.


Масовни убиства што ја потресоа Србија

Во мај 2023 година, млад човек со нелегално оружје купено на црниот пазар уби девет лица пукајќи од автомобил во движење. Подоцна се откри дека бил фасциниран од криминалните кланови и токму од Кристијан Голубовиќ. Само ден порано, 13-годишно момче во Белград со пиштолот на својот татко уби девет соученици и училишниот домар. Србија беше во шок.


Организиран криминал во Црна Гора

Ситуацијата е слична и во Црна Гора. Таму, речиси секое домаќинство поседува оружје. Бројот на убиства е далеку над европскиот просек. Една од причините е организираниот криминал – завојуваните кланови водат жестоки битки и во регионот и во цела Европа.

Специјалните полициски единици редовно запленуваат автоматско оружје и поголеми количини кокаин. „Активностите на мафијата се високо ризични“, признаваат полицајците, но нивните мрежи сè уште не се разбиени.

Особено трагични сцени се повторуваат во историскиот град Цетиње. Таму во последните години чести се убиства со снајпер, бомбашки напади врз автомобили и масовни пукања. Во 2022 година, познат насилник – иако легално поседувал оружје – уби десет лица, меѓу нив и двајца деца, Марко и Машан.


Барања за построг закон

Мајка, наставничка од Цетиње која изгуби роднина во таа трагедија, поведе иницијатива за заострување на Законот за оружје. Предложи да се нарече „Законот Марко и Машан“. „Следниот ден веќе не бев сама – сите роднини ме поддржаа, а по една недела бевме 4.000 луѓе“, раскажува таа.

Предлогот веќе стигна до црногорскиот парламент и ќе се разгледува наесен. Граѓаните на Цетиње велат дека нема да престанат сè додека властите не расчистат со ова смртоносно наследство.