Католичката црква со реакција за муралот на Мајка Тереза: Ова е навредлив чин за сите верници

Макфакс

29/09/2025

12:26

1.078

Големина на фонт

а а а

Католичката црква во Македонија изразува жалење за, како што велат, недостојниот и навредлив чин со кој на муралот на света Мајка Тереза, поставен на „Школка“ во Градскиот парк во Скопје, е додадена марама на нејзиниот лик.

Со оваа постапка,велат од Католичката црква, се повредуваат верските чувства на верниците и почитувачите на делото на светицата.

„Потсетуваме дека Света Мајка Тереза е светица на Католичката црква, родена во Скопје, почесна граѓанка на овој град и граѓанка на светот. Со својот живот посветен на сиромашните и болните, со својата едноставност, понизност и љубов, ја направи Македонија и Скопје препознатлива во светот и пример за почит кон другиот.

После големиот настан што се случи на 28 септември 2025 година за сиот македонски народ со осветувањето на храмот Свети Константин и Елена кој се наоѓа во непосредна близина на Спомен куќата на Света Мајка Тереза, се прашуваме: Зарем нашата Светица заслужи ваков однос од дел од своите сограѓани?


Почитта кон верските чувства е основен елемент на секое демократско општество. Грижата за нив е одговорност на сите граѓани, а воедно ја отсликува и демократската зрелост кај поединци и групи, нивната подготвеност за соживот и прифаќање на различните.

Слободата на уметничкото изразување и јавната дебата се драгоцени вредности, но тие треба да се остваруваат со почит кон достоинството на другите и кон она што е свето за една заедница. Затоа недозволиво е светите ликови, како света Мајка Тереза, да бидат инструментализирани или злоупотребувани за било какви цели“, се наведува во соопштението од канцеларијата на Скопска бискупија и Струмичко-скопска епархија.

Во него се додава дека Католичката Црква се приклучува кон сите добронамерни граѓани кои веќе реагираа и го осудија ваквиот срамен чин и апелира до целата македонска јавност на поголема свесност за значењето на светците, светите простори и другите свети работи, како и вредностите во општеството што ги застапуваат Црквите и верските заедници.

„Во таа насока, ги повикуваме надлежните институции да преземат соодветни мерки, да ги заштитат верските чувства на граѓаните и во иднина да ги превенираат ваквите појави. Во исто време изразуваме благодарност до сите луѓе на изразената загриженост и поддршка која ја упатија до Црквата“, велат од канцеларијата на Скопска бискупија и Струмичко-скопска епархија.