Димитровски: Нема да бидам нем набљудувач, Скопје ќе го направам од град во хаос до град со брз и современ градски превоз

Макфакс

29/09/2025

22:09

156

Големина на фонт

а а а

Даме Димитровски, носител на листа на советници во Советот за Град Скопје oд ВМРО-ДПМНЕ, на вечерашниот митинг најави дека доаѓа време за промена, која ќе се темели на визија, план и конкретни политики. Тој говореше за деветте столбови на платформата како што се чист воздух, чист град, модерен превоз, јавни простори, велосипеди и мобилност, безбеден сообраќај, култура, иновации и чесно управување.

Димитровски се осврна на градскиот превоз, нагласувајќи дека јавниот превоз не го следи развојот на Скопје и потребите на скопјани и додаде дека целта е да се создаде брз и современ градски превоз во служба на граѓаните.

„Секое утро илјадници заглавуваат во хаос, превозот не е во служба на граѓаните. Затоа, целта е јасна: Нов концепт на јавен превоз: флота на чисти, нови, климатизирани автобуси, почести ротации и дигитализиран, предвидлив систем, повеќе правци и линии кон секој дел од градот“, нагласи Димитровски.

Димитровски истакна дека граѓаните заслужуваат да живеат достоинствено, со нови проекти, со реални решенија и конкретни чекори што ќе го подобрат секојдневието на сите граѓани.

„Ова не се само зборови на хартија – ова се нашите работни задачи!“, рече меѓу другото Димитровски.