Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, имаше свое обраќање на денешниот митинг, со кој се започна кампањата за претстојните локални избори, и кој се одржа во Скопје во Спортскиот центар ,,Јане Сандански“ на кој се осврна и на коалицијата ДУИ и Левица, односно на Али Ахмети и Димитар Апасиев.
Мицкоски објасни дека сега јасно се гледа дека Левица игра во корист на ДУИ, како што претходно играла во корист на СЈО и Зоран Заев.
„Постојат две коалиции, две коалиции надвор од видливото. Првата е онаа меѓу Али и Димче, помеѓу ДУИ и Левица. Левица само го покажа своето вистинско лице кое што сите ние го знаеме. Тие се на отворен пазар, на услуга на Али и ДУИ. Сетете се, да не заборавиме, прво го помагаа СЈО за добри хонорари, потоа самиот Заев отворено кажа дека правеле тајни коалиции за наводно да ја спаселе Македонија од ВМРО-ДПМНЕ и од Христијан. А сега си направиле пазар од кој ќе профитира или ќе се обиде да профитира ДУИ. А тие пак од ДУИ, со истите трикови се децении наназад. Како стара закачица, провоцираат и едвај чекаат да им одговорам“, кажа Мицкоски.
Мицкоски укажа „сигурно пресметале дека ќе им вратам, па така ќе им го подобрам уништениот рејтинг“.
„Таа нивна игра мора и Албанците и Македонците и сите останати да ја знаат и разберат. Така ДУИ си го крева рејтингот. А тезите им се стари и излитени – те. „крвови“, те „јастреби, те орлите, те зајаци“, истото тоа, истиот фолклор го споменуваат 20 години, тоа со години е истиот филм. Албанците му се иселија. Парам-парчe направија од крадење Албанците – дури и од неговото Зајас – се иселија; исто како во Дебар, Струга, Тетово, Гостивар, Кичево и насекаде што живеат.. Дваесет години беа на власт. Видовме се што можат, но и што не можат. И тие метафори на митинзите повеќе не им поминуваат – добри се, ако одлучиле да се занимаваат и да глумат хумористични филмови за да може да насмеат некого. Но, не и да влеат надеж каква им е потребна на сите граѓани во Македонија“, посочи Мицкоски.