Претседателката Маја Санду ги повика граѓаните да гласаат на клучните парламентарни избори и предупреди дека државата „е во опасност“, додека Централната изборна комисија се соочи со масовни сајбер напади.
Молдавската претседателка Маја Санду апелираше до народот да излезе на гласање, предупредувајќи дека „земјата е во опасност“ и дека граѓаните мора да спречат „крадци и предавници“ да ја продадат иднината на државата кандидат за членство во ЕУ. Истовремено, дојде до масовен сајбернапад врз избирачките места.
„Молдавија, нашиот драг дом, е во опасност и ѝ е потребна помошта на секој од вас“, изјави Санду по гласањето, пренесе „Kyiv Independent“.
Сајбер напади на изборниот ден во Молдавија
Молдавската служба за информатичка технологија и сајбер-безбедност на 28 септември соопшти дека блокирала серија напади насочени кон изборната инфраструктура, во момент кога се одвиваат клучни избори што можат да ја одредат иднината на земјата.
Метите на нападите вклучувале:
• Веб-страницата на Централната изборна комисија на Молдавија
• Владините системи за услуги и автоматизација на процеси
• Одредени избирачки места во дијаспората
Меѓу пријавените инциденти биле и дистрибуирани напади за ускратување на услуга (DDoS), вклучувајќи еден координиран истовремено од повеќе земји, со над 16 милиони генерирани сесии дизајнирани да симулираат вистински сообраќај и да ги заобиколат системите за заштита.
„Сите напади беа откриени и неутрализирани во реално време, без влијание врз достапноста или интегритетот на изборните услуги“, соопшти молдавската Служба за информатичка технологија и сајбер-безбедност.
Европа или Русија
Молдавците, и во земјата и во странство, излегоа на гласање на избори што ќе одредат дали државата ќе продолжи по патот на интеграција во ЕУ, како што го замисли партијата на претседателката Маја Санду – Партијата за акција и солидарност (PAS), или пак ќе се врати под закрила на Москва.
„Да му покажеме на светот дека Република Молдавија не е само мала земја со големо срце, туку и земја на достоинствени луѓе, луѓе кои не ја продаваат својата земја. Да не дозволиме крадци и предавници да ја продадат нашата иднина“, порача Санду.
Во пресрет на изборите, молдавските власти ја забранија партијата блиска до Кремљ „Голема Молдавија“ (Moldova Mare), наведувајќи сомнежи за незаконско финансирање, соопштија официјалните лица на 27 септември.
Ден претходно, Централната изборна комисија ја суспендираше партијата „Срце на Молдавија“, една од четирите фракции во Патриотскиот блок поврзан со Русија, која се позиционираше како главен предизвикувач на владејачката проевропска PAS.
Повикувајќи се на документи, „Bloomberg“ на 22 септември објави дека Москва изготвила план за мешање во парламентарните избори во Молдавија и за попречување на кандидатурата на земјата за членство во ЕУ. Во посебна истрага објавена на 21 септември, „BBC“ наведе дека тајна мрежа финансирана од Русија работи на влијание врз исходот на гласањето.