Герасимовски: Кампањата ја стартуваме со садење дрвја, како симболика за развој и долгорочна грижа за Центар

Макфакс

29/09/2025

13:29

114

Големина на фонт

а а а

Кандидатот за градоначалник од редовите на СДСМ и актуелен градоначалник на Општина Центар Горан Герасимовски, заедно со носителот на советничката листа Александар Савевски и сите кандидати за советници, кампањата за локалните избори ја почнаа со работа, со садење дрвја во Паркот на Франкофонијата како симболика за развој, за одржливост, за иднина, за долгорочна грижа за Центар.

Герасимовски, потенцираше дека во изминатите четири години со доверба од граѓаните се создаде нова приказна во Центар. Со многу работа, со многу љубов, знаење и верба, се развиваше Центар што го сакаме.

„Со Вас граѓаните испишавме одлична Програма и конкретни планови. За сите маала, улици и граѓани. Бидејќи за нас најважен е граѓанинот. Со Вас, ја правиме најсилната коалиција, најсилното движење и најдоброто решение за Центар што го сакаме. Како и досега, и во овие денови, со нашиот центарски и најголем тим од 600тини волонтери и поддржувачи ќе влеземе во над 15 илјади домаќинства. Лично и со мојот одличен тим, сакаме да ви ги понудиме најдобрите решенија за сите барања и потреби. Директно и јасно, чесно и одговорно, со план и со највисока почит. Верувам во Вашата мудрост и желба да продолжиме да го градиме Центар што го сакаме. Безбеден. Чист. Зелен. Хуман. Солидарен. Достоинствен. Отворен и модерен. Центар на културата, најдоброто образование и спокојното живеење. Посакувам и ветувам мирна и позитивна кампања. На останатите кандидати им посакувам среќа и желба да бидат дел од новата центарска култура која ја креиравме. Преку позитивна кампања да се натпреваруваме со идеи и проекти. Во Центар немало и не смее да има место за навреди и омаловажувања. Веруваме дека граѓаните повторно ќе го изберат Центар што го сакаме“, рече Герасимовски.

Носителот на советничка листа Александар Савевски, истакна дека Герасимовски покажал како најдобро се води општина и како жител на Центар одлучил да ги предводи одличните кандидати за советници, со целосна доверба и поддршка за Горан Герасимовски.