Ханси Флик може да биде задоволен од играта на Барселона на последните неколку натпревари, но Германецот денеска призна дека има и причини за незадоволство, а причина за тоа е загрижувачкиот здравствен билтен кој се полни во неговиот тим.
По повредите на Фермин и Гави, Барселона вчера информираше дека недостапни за тренерот Флик ќе бидат и Рафиња и Жоан Гарсија, со тоа што повредата на голманот е покомплксна и ќе бара подолга пауза.
Гарсија ќе мора да направи операција на менискусот и во најмала рака ќе паузира шест недели, па сега Ханси одново ќе мора да се потпре на голманот кој беше прв голман во вториот дел од минатата сезона.
– Ова што ни се случува со повредите не е нормално. Очекувате да има некоја повреда, но ова е веќе премногу. Ја анализираме ситуацијата со струшниот штаб, гледаме што се случува пред повредите, ги анализираме деновите и тренинзите. Бараме причина за овој непосакуван тренд и ќе видиме каков заклучок ќе извлечеме после целосната анализа која ќе ја направиме, – изјави Ханси Флик пред натпреварот со Реал Сосиедад.
– Жалиме за последната повреда на Гарсија, тој започна многу добро со нас, но таков е фудбалот. Сега се враќа Шчесни на голот. Во вториот дел од минатата сезона победивме речиси на сите натпревари со него и освоивме три титули. Тој е гаранција на голот и не се сомневам во неговите квалитети, – порача Германецот.
Во изминатиот период, повредени играчи во првиот тим беа и Ламин Јамал и Балде, а тешка повреда уште пред стартот на сезоната заработи и Тер Штеген.