Ливерпул е огромен клуб: На вдовицата на Жота ѝ го исплатиле целосниот износ на преостанатиот договор

Точка

26/09/2025

20:30

1.226

Големина на фонт

а а а

Колку Ливерпул е всушност фудбалски великан и уникатно „семејство“, се покажа и по трагичниот случај со Диого Жота, по кој на неговата вдовица ѝ бил исплатен целокупниот износ од преостанатиот договор.

Менаџерот на Ливерпул, Арне Слот, потврди дека клубот ѝ го исплатил целиот износ од договорот со клубот на вдовицата Руте Кардозо, која остана неутешна по смртта на сопругот на 3-ти јули.

Да потсетиме, Жота загина заедно со својот брат Андре Силва во сообраќајна несреќа во Шпанија, по што во јавноста се шпекулираше дека клубот ќе ѝ ги исплати на неговата вдовица останатите парични средства предвидени со договорот.

Ова сега го потврди и менаџерот на Ливерпул изјавувајќи дека тоа е голем гест кој „не е нормален во денешниот фудбал“.

„Фазата низ која поминува семејството и родителите ќе трае до крајот на животот. Веќе кажав колку сум горд на тоа како реагираа навивачите, но и сопствениците на клубот. Сопствениците најчесто се критикувани, како и тренерите, но начинот на кој ја решија оваа ситуација – со исплата на целата вредност од договорот на неговите деца и сопруга – е за пофалба. Можеби луѓето мислат дека тоа е нормално, но не е во фудбалот“, изјави Слот за „TNT Sports“.

Тој додаде дека, по смртта на големата ѕвезда на клубот, Ливерпул бил приморан на дополнителен трошок при купување фудбалер ова лето.


„За жал, моравме да доведеме еден играч повеќе отколку што планиравме. Затоа нашите трошоци беа поголеми од планираното“, порача холандскиот експерт.

Жота имаше договор до јуни 2027 година со Ливерпул, а на неговото семејство му биле исплатени 25 милиони евра, колку што преостанувале од истиот.

Претходно, претседателот на Ливерпул, Том Вернер, сугерираше дека клубот ќе ги преземе сите мерки за да им помогне на сопругата и децата на Жота.