„Нејмар е зависен од виски“ – бразилски новинар изнесе шокантни тврдења: Пие, пуши наргиле и легнува дури во 5 часот наутро!

Точка

26/09/2025

16:21

661

Големина на фонт

а а а

Бразилски новинар јавно проговори за лошите навики на прославениот фудбалски ас.

Новинарот Родолфо Гомез изнесе низа шокантни обвинувања на сметка на славниот Бразилец Нејмар.

Гомез, на својата платформа за време на лајв-пренос, го претстави фудбалерот на Сантос како разуздана личност зависна од алкохол и ноќен живот.

Бразилецот извесно време важеше за еден од најдобрите фудбалери на светот. Имаше блескави епизоди во Барселона и Пари Сен Жермен и многумина сметаа дека сигурно ќе ја освоеше „Златната топка“ доколку не се затекнеше во ерата на Меси и Роналдо. За жал, последниве години не е ни бледа сенка на играчот кој своевремено со своето фудбалско мајсторство ги воодушевуваше навивачите ширум светот.


Во јануари годинава се врати во матичниот клуб Сантос по неуспешната епизода во Саудиска Арабија. Фановите веруваа дека ќе успее да ја оживее својата кариера, но тоа не се случи. Последно време мака мачи со повреди, па ретко го гледаме на терен.

Бразилскиот новинар Родолфо Гомез откри дека Нејмар нема да заигра фудбал до крајот на годината, а покрај здравствените проблеми, изрази загриженост и поради навиките што фудбалерот ги практикува надвор од теренот. Според неговите тврдења, асот усвоил рутина која никако не се препорачува за професионални спортисти.

Гомез тврди дека Нејмар е зависен од виски, кое редовно го меша со енергетски пијалаци. Секој ден пуши наргиле и се забавува до раните утрински часови, па на спиење оди околу 4 – 5 часот наутро.


Повикувајќи се на извори блиски до Нејмар, Гомез открива дека тренинзите на „Сантос“ почнуваат подоцна затоа што Бразилецот останува во клубови до доцна навечер.

„Тренинзите на ’Сантос‘ почнуваат во 10 или 11 часот наутро поради Нејмар. Тој останува буден до ситните часови. Играчите веќе побараа да почнуваат порано, но клубот тоа не го дозволува бидејќи Нејмар не би пристигнал навреме. Никој не се осмелува да му се спротивстави“, вели Гомез.


Нејмар најави тужба

Компанијата „NR Sports“, која ги застапува интересите на Нејмар, соопшти дека ќе започне судска постапка против новинарот Гомез поради, како што наведуваат, „лажни и неосновани информации“ изнесени за славниот фудбалер.

„Нејмар е мета на лажни, клеветнички и целосно неосновани информации. Ширењето вакви содржини не само што ја загрозува неговата чест и репутација, туку придонесува и за дезинформирање на јавноста, нарушувајќи го кредибилитетот на сериозното новинарство“, стои во соопштението.