Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани воедно и претседавач на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на Совет на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и семејното насилство, денеска ја отвори конститутивната седница на ова тело.
Тој се заблагодари на присуството на присутните, нагласувајќи го значењето на ова тело чии заложби се насочени кон унапредување на заштитата на жените жртви на насилство и семејното насилство.
Лимани се осврна на досегашните преземени акции на државата со цел подобра подготвеност за превенција, заштита и спречување на насилството врз жените и семејното насилство. Од ратификацијата на Истанбулската конвенција, потоа подготовката на Акциски план за спроведување на Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство 2018-2023, 2024 год, евалуација на истиот. Потоа, носењето на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, каде се нагласува улогата на Националното координативно тело со конкретни надлежности, подготвување на осумгодишна Национална стратегија, со четири годишни акциски планови и годишни планови.
„Во изминатиот период како Министерство, преземаме низа мерки и активности за подобрување на системот за превенција и заштита на жените жртви на насилство и семејно насилство преку унапредување на националната легислатива, подзаконски акти, документи, јакнење на капацитетите на стручните лица преку реализирање на обуки, проширување на мрежата на специјализирани услуги за жртвите и организирање на кампањи. Ве уверувам дека Владата на Република Северна Македонија, ги потврдува своите заложби за преземање на сите неопходни мерки за елиминирање на сите форми на насилство,“ рече Лимани.
На седницата беа подетално претставени сите документи и активности кои се донесени и реализирани, како и соработката со меѓународните и граѓанските чинители.