Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска им се обрати на ученици, педагози и родители по повод Меѓународниот ден на знаковниот јазик, нагласувајќи дека овој ден е потсетник за инклузивност и почитување без бариери.
Гаши потсети дека Собранието од 2023 година организира курсеви за знаковен јазик за вработените и пратениците, со цел да се овозможи подобра комуникација и разбирање.
„Ова не е само технички чекор, туку симболичен чин во обидот да се слушнат и оние кои зборуваат поинаку, но имаат исто толку да кажат,“ истакна тој.
Додаде дека еден од неговите најважни приоритети како претседател на Собранието е изградба на отворена и инклузивна институција која ќе биде дом на секој граѓанин.
„Силата на човекот не се мери со зборовите што ги изговара, туку со срцето и духот што ги вложува секој ден,“ рече Гаши, честитајќи им на сите кои придонесуваат за оваа благородна мисија.
Обраќањето го заврши со убедувањето дека „Не е потребен глас кога срцата зборуваат на ист јазик,“ честитајќи им на присутните и на сите граѓани Меѓународен ден на знаковниот јазик.