Советникот во Советот на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Кирков, преку објава на социјалните мрежи предупреди на сериозна состојба во Зоолошката градина во Скопје, наведувајќи дека причина за смртта на неколку животни е туберкулоза.
Кирков посочи дека во изминатиот период починале ламите и младо мајмунче од видот гибон, кај кои е потврдена туберкулоза, а последно и европскиот бизон, за кој денеска, според него, биле добиени официјални резултати дека исто така бил болен од оваа болест.
„Зоолошката градина е контаминирано подрачје, цели реони се зафатени, вработените се оставени без соодветна заштита, а секојдневно има стотици посетители кои поминуваат низ живеалиштата каде починаа животни“, пишува Кирков.
Тој додава дека резултатите се добиени од Ветеринарниот факултет, Ветеринарниот институт и Агенцијата за храна и ветерина. Кирков бара итен инспекциски надзор, тестирање на сите вработени и животни, како и можност за времено затворање на установата.
Советникот најави и поднесување кривична пријава против менаџментот на градината, нагласувајќи дека во последните три години починале повеќе од 50 животни, без да има преземена одговорност.