[ВИДЕО] Драматичен говор на претседателката на Молдавија: Кремљ мисли дека сите сме на продажба

Макфакс

23/09/2025

09:02

794

Големина на фонт

а а а

Проевропската молдавска претседателка Маја Санду ги предупреди граѓаните на нејзината земја во драматично обраќање дека Москва го загрозува суверенитетот, независноста и европската иднина на нејзината земја. Обраќањето дојде откако властите извршија масовни рации и уапсија десетици лица осомничени за учество во руски план за дестабилизација.

„Нашата иднина е во опасност“

„Денес ви кажувам со сета сериозност дека нашиот суверенитет, независност, интегритет и европска иднина се во опасност“, рече Санду во видео обраќање синоќа, само неколку дена пред парламентарните избори закажани за 28 септември. На нив, проруските партии ќе се обидат да ја оспорат владејачката проевропска ПАС.

Претседателката предупреди дека Русија инвестира „стотици милиони евра за да купи стотици илјади гласови на двата брега на Днестар, како и во странство“, додека секојдневно го преплавува јавниот простор со „десетици лаги“.

„Стотици луѓе се платени за да предизвикаат немири, насилство и да ги плашат граѓаните“, истакна Санду. „Доколку Русија успее да ја преземе контролата врз Молдавија, последиците ќе бидат директни и опасни за нашата земја и целиот регион“.

Adresarea președintei Maia Sandu în contextul alegerilor parlamentare din 28 septembrie 2025

🔵LIVE: Adresarea președintei Maia Sandu în contextul alegerilor parlamentare din 28 septembrie 2025

Posted by Maia Sandu on Monday, September 22, 2025

Според Асошиејтед Прес, молдавските власти извршиле 250 рации на неколку локации низ земјата, насочени кон повеќе од 100 осомничени лица поврзани со план за предизвикување масовни немири. Главниот обвинител за организиран криминал Виктор Фуртуна изјави дека 74 лица, на возраст меѓу 19 и 45 години, се уапсени и можат да бидат задржани до 72 часа.

По рациите, претседателката повтори дека земјата е нападната од Кремљ. „Луѓето се опиени со лаги секој ден. Стотици поединци се платени да поттикнуваат насилство и да шират страв. Апелирам до сите граѓани: не смееме да дозволиме нашата земја да биде предадена на странски интереси“, рече таа.

Таа ја обвини Москва дека има сојузници во Молдавија, луѓе „кои многу пати покажале дека се подготвени да ја продадат сопствената земја за пари“.

Закани за европската безбедност

Санду нагласи дека руското влијание во Молдавија ќе има последици и за соседна Украина и за пошироката европска безбедност.

„Европа ќе заврши на молдавската граница. Европските фондови ќе престанат. Слободата на движење би можела да исчезне. Нашата земја би можела да стане отскочна даска за инфилтрација кон Одеса“, предупреди таа.

Молдавија аплицираше за членство во ЕУ во 2022 година откако започна руската тотална инвазија на Украина и истата година доби статус на кандидат. Преговорите за пристапување започнаа минатата година, што дополнително ги зголеми тензиите со Москва.

„Кремљ мисли дека сите сме на продажба, дека сме премногу мали за да се спротивставиме, дека не сме држава, туку територија. Но, Молдавија е наш дом, а нашиот дом не е на продажба“, рече Санду во својот драматичен говор.