Ѕвездата која пред две години беше платена 100 милиони евра, одлучил копачките да ги замени со спринтерки.
Пред две години Челзи за Михајло Мудрик издвои 100 милиони евра, но денес тој е надвор од терените поради допинг-суспензија што ќе трае до 2029 година.
Како што пренесуваат медиумите, Мудрик сега се насочил кон атлетиката со амбиција да настапи на Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година, тренирајќи со украинската спринтерска репрезентација под надзор на поранешни олимпијци.
Во земја со богата атлетска традиција, неговиот исклучителен физички потенцијал не останал незабележан. Сепак, патот до Олимпијадата нема да биде лесен.
Украинецот ќе мора да ги исполни строгите норми на Светската атлетска федерација и да ги помине украинските квалификации во 2027 година за да си обезбеди место во тимот за Лос Анџелес.
Инаку, Мудрик пристигна на Стемфорд Бриџ откако блескаше во Шахтар со одлични настапи во Лигата на шампионите и домашното првенство.
Иако од него се очекуваше да донесе брзина и свежина во нападот на тимот од Лондон, неговата фудбалска бајка не траеше долго.
Во април 2025 година одекна вест што ја шокираше јавноста. По рутинска допинг-контрола спроведена во март, Фудбалската асоцијација на Англија потврди дека Украинецот бил позитивен на забранета супстанца.