„Франс Фудбал“ вечерва ќе ја додели „Златната топка“ на најдобриот играч за 2025-та година, а од пред некое време, многу важен елемент во критериумите кои се земаат во предвид е и професионалното однесување на еден фудбалер.
Поради ова правило, Винисиус Жуниор минатата сезона доби негативни поени, па во пресрет на церемонијата која вечер ќе се одржи во Париз, „Лекип“ информира дека истото важи и за Ламин Јамал.
Иако не мора да значи ништо и не мора да биде пресудно, весникот кој има сопствеништво над „Франс Фудбал“ во својата најава за вечерашниот настан издвои дел токму посветен на критериумот во кој Јамал не се покажа баш добро.
– Односот на Ламин Јамал по финалето во Лигата на нации против Португалија, кога одби да му подаде рака на Кристијано Роналдо и кога не го дочека доделувањето на трофеите, не даде позитивни оценки на неговиот имиџ, критериум кој се разгледува за секој фудбалер кој конкурира за добивање на признанието кое го посакува, – стои во објавата на „Лекип“.
Големата свеченост ќе се одржи вечерва во познатиот театар Шателе, а стартот на церемонијата е закажан за 21:00 часот по локално време.