Национален празник во земјата: „Имаме рудници со дијаманти, но спринтерите се нашите скапоцени камења“

Точка

22/09/2025

15:26

399

Големина на фонт

а а а

Боцвана прогласи државен празник по повод историската победа во машката штафета 4x400 метри на Светското првенство во атлетика во Токио.

Оваа земја стана првата африканска нација што се закити со титула светски шампион во оваа дисциплина.

Претседателот Дума Боко изјави дека станува збор за „историска африканска победа“ и соопшти дека понеделник, 29 септември, се прогласува за државен празник – ден пред официјалното одбележување на Денот на независноста на земјата.

Тимот на Боцвана, составен од Ли Бекемпило Епи, Летсиле Тебого, Бајапо Ндори и Бусанг Колен Кебинатшипи, го совлада составот на САД – освојувачи на последните 10 светски титули – во финалната трка која се одржа по силен дожд во Токио. Екипата на Јужноафриканската Република заврши на третото место.


„Природните богатства на Боцвана, дијамантите, не се само длабоко во земјата – тие се нашите спортисти, светски шампиони“, изјави претседателот, зборувајќи од Њујорк, каде што присуствува на Генералното собрание на Обединетите нации.

Настапот на штафетата на Боцвана, додаде тој, сведочи за растечкиот углед на земјата на светската сцена.

Оваа држава во јужна Африка заврши на петтото место во вкупниот пласман на освоени медали на првенството – зад САД, Кенија, Холандија и Канада.


Станува збор за најдобриот резултат на Боцвана досега – освоени две златни, една сребрена и една бронзена медала на Светското првенство во Токио.

Минатата година, Боцвана одбележа уште една историска пресвртница кога Летсиле Тебого го донесе првиот олимписки златен медал за земјата со победата во машката трка на 200 метри на Олимписките игри во Париз.

Неговиот триумф, кој воедно беше првпат некој африкански атлетичар да победи во оваа дисциплина, стана национална сензација. Десетици илјади луѓе го пречекаа на Националниот стадион во главниот град Габороне.


Владата тогаш прогласи полудневен празник, дозволувајќи им на граѓаните да „го прекинат работниот ден и да го прослават шампионот“.

Тогашниот претседател Мокгвитси Масиси изјави дека тој момент засекогаш ќе остане врежан во историјата на земјата.